Владата потроши над 4 милиони евра за да го загуби „Агроплод“?!
21.10.2016 Компанијата „Агроплод“ беше тема на јавен интерес кога се изврши нејзината приватизација во 2006 година. Владата на СДСМ ја продаде, а следната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ ја оспори и ја поништи продажбата. А потоа, наместо да ја задржи компанијата, потроши милиони од државниот буџет на меѓународен спор кој го доби, за на крајот повторно со договор да ја загуби. Новите детали, но и сомнежи за злоупотреби, во јавноста ги споделува „свиркач“ или укажувач, кој алармира за нелогичните бизнис-потези на владата, кои, пак, можат со себе да повлечат и кривична одговорност.
Странските инвестиции се адут во секој говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Без разлика која и да е пригодата, тој не пропушта да најави нова „инвестиција“ од надвор, потенцирајќи го бројот на работните места што ќе се отворат.
Во трката да привлечат што е можно повеќе странски инвеститори, се оди и во минус, односно се чини повеќе пари се одлеваат за привлекување на инвеститорите во државата, отколку што тие го полнат државниот буџет. Па, така, државата им нуди даночни и царински ослободувања, инфраструктурна логистика и субвенции, за што се трошат милиони евра народни пари.
Странските инвеститори тријат раце од добрата заработувачка и од евтината работна сила, а владата си припишува заслуга за новоотворените работни места. Сите среќни и задоволни, освен народот, кој ги плаќа овие маркетиншки трикови.
ЌЕ СЕ РАСПЛЕТЕ ЛИ ДЕЦЕНИСКАТА МАТНА ИГРА СО „АГРОПЛОД“?
На еден ваков трик, со кој државата останува соголена, а инвеститорот среќен и задоволен, алармира загрижен граѓанин, кој прифаќајќи ја улогата на „свиркач“ или укажувач, пријавува сомнеж за криминално однесување на владата, која за да му удоволи на инвеститорот, го оштетила државниот буџет за неколку милиони евра. Укажувачот инсистира да биде анонимен, бидејќи, како што вели, се плаши од одмазда.
Покрај тоа што самиот бил оштетен од компанијата во која во минатото бил вработен, тврди дека се оштетени и граѓаните на Македонија. Укажува на наводна злоупотреба на народни пари, поточно на криминално постапување на извршната власт, која од засега непозната причина решава да ја награди компанијата „Агроплод Ресен“, со која на стартот се во војна, но потоа ги закопуваат секирите, а победата ја носи компанијата.
Своите сознанија, како анонимен пријавувач, ги раскажува во невладината организација „Транспаренси Интернешнел Македонија“.
Приказната почнува пред точно една деценија, кога се менува сопственоста во АД „Агроплод“ Ресен, односно кога компанијата се приватизира. Приватизацијата се случува во времето кога власта е во рацете на СДСМ, односно непосредно пред парламентарните избори во 2006 година. Во тоа време, 38 проценти од акциите се во сопственост на Ѓорѓи Китановски, 25,39 отсто на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), со кои управува Министерството за економија, во времето на министерот Фатмир Бесими, 5 проценти на Фондот на ПИОМ, со кои Фондот сам управува и 31 отсто на швајцарската компанија „Свислион“, која во тој период откупува акции од голем број мали акционери.
По некое време, владата го прогласува „Агроплод“ за фабрика од државен интерес и објавува јавен повик за продажба на државни акции. Условот е дека како понудувач може да се појави некој од акционерите кои имаат 25 отсто од акциите. Повикот се однесува на 5.339 обични акции или 25,39 проценти од вкупниот број акции, кои до тогаш биле во сопственост на ПИОМ.
На повикот се јавува само „Свислион“, кој станува мнозински сопственик на АД „Агроплод Ресен“ со 56 отсто од вкупниот број акции.
Со купопродажниот договор, склучен во јуни 2006 година, мнозинскиот акционер се обврзува да инвестира и 7,8 милиони евра.
Нашиот соговорник појаснува дека веднаш потоа швајцарската фирма основала три фирми ќерки: „Свислион Агроплод ДОО“, „Свислион Аграр ДОО“, и „Преспатурист“.
– Постојат сомнежи дека целиот имот на „Агроплод“ газдите го префрлаат на трите нови фирми, а притоа не вложуваат во „Агроплод“, туку во новите фирми. Мал дел од имотот е пренесен како основачки влог, а останатото е префрлено преку договор за деловно-техничка соработка, посочува укажувачот.
Нашиот соговорник вели дека токму поради овие причини, во мај 2008 година, но сега под палката на нова владејачка гарнитура, Државното правобранителство во име на Министерството за економија поднесува тужба против „Свислион“, со која бара да се раскине договорот за купопродажба на акциите.
– Било изготвено и вештачење од страна на Бирото за судски вештачења со кое е утврдено дека компанијата не вложувала согласно купопродажниот договор, истакнува нашиот соговорник.
По една година од поднесената тужба, Основниот суд Скопје 2 донел пресуда со која го раскинал купопродажниот договор и му наложил на Централниот депозитар за хартии од вредност 5.339 акции да ги пренесе на сметката на Министерството за економија. Притоа, судот не утврдил надомест за „Свислион“ за раскинувањето на договорот, односно не донел одлука да им ги врати парите со кои ги платиле акциите – 1,1 милион евра, бидејќи според судската одлука акциите биле обезвреднети.
Незадоволни од одлуката, од „Свислион“ ја обжалиле пресудата, но Апелациониот суд ја потврдил.
ВЛАДАТА ПРОГЛАСИ ПОБЕДА И ПРЕД МЕЃУНАРОДНИОТ СУД
Со враќањето на акциите, се менува и сопственичката структура во претпријатието, односно сега мнозински сопственик станува Ѓорѓи Китановски. Владата и Китановски именуваат свој управен одбор, кој самоиницијативно извршил ревизија на работењето на претходниот управен одбор, при што биле утврдени низа нерегуларности поврзани со пренесувањето на имотот на ќерките фирми на „Свислион“.
Врз основа на сомнежите, „Агроплод“ поднесува кривична пријава против сите членови на поранешниот одбор на директори заради злоупотреба на службената положба и овластување. Основното јавно обвинителство од Битола отворило истрага, а на негово барање било изготвено и вештачење од Бирото за судски вештачења, кое според нашиот соговорник, ги потврдило нерегуларностите.
– Затоа судот во истата постапка носи повеќе одлуки со кои изрекува времени мерки со кои го замрзнува имотот на „Свислион“ во Македонија, вели укажувачот.
Незадоволна од македонската (не)правда, швајцарската компанија покренува тужба против Македонија до Арбитражниот суд во Вашингтон, врз основа на Спогодбата за заштита на инвестициите помеѓу РМ и Швајцарија. Компанијата ја тужи државата за незаконско одземање на акциите, за што бара отштета од 21 милион евра. Според укажувачот, Арбитражниот суд во јули 2012 година носи пресуда со која не утврдил незаконитости при раскинувањето на договорот, а не ја одобрил ниту бараната отштета, бидејќи не постоело барање за надомест на штета пред македонските судови. Сепак, државата требало да му исплати на „Свислион“ 350.000 евра поради рестрикции наметнати врз втората транша акции, привремени мерки со кои се спречува користењето на првата транша итн. и 350.000 евра за судски трошоци. Но, ова не се единствените средства кои треба да ги исплати државата. Таа троши и неверојатни 3,6 милиони долари за адвокатски услуги за меѓународниот спор. Сепак, задоволна од пресудата, Владата пред македонската јавност гордо прогласува победа во спорот.
ИМАЛО ЛИ ТАЈНА СРЕДБА?
Набргу, според нашиот соговорник, се зборува дека наводно се случила тајна средба помеѓу сопственикот на компанијата и екс премиерот Никола Груевски. Од тогаш, според него, се случуваат нелогични потези, од кои корист има компанијата, а штета државата.
Во февруари 2013 година е променет управниот одбор на „Агроплод“.
Неколку недели подоцна, „Свислион“ поднесува тужба против Фондот за ПИОМ и Министерството за економија за враќање на 1,1 милион евра со камата за одземените 5.339 акции. Државното правобранителство, пак, поднесува против тужба со која бара надомест на штетата од 4 милиони евра поради обезвреднување на акциите и пропуштена дивиденда.
По два месеца, двете завојувани страни прават обид за помирување, односно компанијата до Министерството за економија поднела предлог за порамнување. Министерството за економија бара мислење од Фондот за ПИОМ, а оттаму доставуваат позитивна одлука до владата. Иако претходно државата се прогласи за победник во споровите со компанијата, од нејасни причини наеднаш решава да склучи примирје?!
Нашиот соговорник потенцира дека интересно е тоа што оваа одлука за порамнување е донесена на 4 јули 2013 година, а во образложението на Фондот за ПИОМ се вели дека со Заклучок на владата се овластува Министерството за економија да му даде согласност на Државниот правобранител да го склучи порамнувањето, а таквиот заклучок е донесен дури четири дена подоцна, на затворена седница на владата.
Врз основа на тој заклучок, тогашниот заменик- министер за економија Христијан Делев му дал согласност на Државното правобранителство да го потпише судското порамнување.
По направениот договор, на подготвителното рочиште во Основниот суд Скопје 2, на 12 јули 2013 година било склучено судското порамнување. Со порамнувањето двете страни ги повлекуваат тужбите а „Свислион“ си ги враќа 5.339-те акции, со што повторно се здобива со управувачки пакет во „Агроплод“.
ДОГОВОРОТ ЗА ПОРАМНУВАЊЕ ДРЖАВНА ТАЈНА?!
Според укажувачот, со склученото порамнување и е направена штета на државата, односно таа барала поголема отштета од 4 милиони евра, а компанијата од 1,1 милион, а згора на сѐ, на „Свислион“ му ги враќа и акциите, иако и домашните и меѓународниот суд пресудиле дека се во сопственост на Македонија.
– Во случајот постои очигледен несразмер во давањата. Кога постои таква ситуација, според Законот за облигациони односи, оштетената страна, во случајот државата, може да бара поништување на договорот, во рок од една година, но тоа не е побарано, вели укажувачот.
Според него, ваквата одлука повлекува кривична одговорност за лица од владата и од управните органи кои биле вклучени во порамнувањето.
– Кривична одговорност требало да понесат заменик-министерот за економија, Христијан Делев, кој дал согласност за порамнување, членовите на владата кои на затворена седница ја аминувале согласноста на заменик-министерот, членовите на управниот одбор на Фондот за ПИОМ, кои дале позитивно мислење за порамнувањето и Државниот правобранител, кој го потпишал порамнувањето, и тоа бидејќи го оштетиле државниот буџет за 1,1 милион евра, смета соговорникот.
Останува нејасно зошто владата наеднаш се премислува и потклекнува пред компанијата, односно се согласува на порамнување, иако претходно сметала дека државата е оштетена и тоа за 4 милиони евра?!
Одговорот се крие во заклучокот за порамнувањето донесен на седницата на владата, но за жал, тој ќе остане енигма за јавноста, бидејќи е прогласен за државна тајна. Поточно, од Транспаренси Интернешнел Македонија со барање за пристап до информации од јавен карактер од Генералниот секретаријат на владата бараат копија од заклучокот, но не ја добиваат. Од владата не им одговараат во законскиот рок од 30 дена, по што поднесуваат жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. По еден месец добиваат решение од Генералниот секретаријат со кое се одбива барањето со образложение дека Заклучокот е донесен на затворена седница на владата, а причината за тоа била што материјалот за кој се расправало содржел информации кои можат да влијаат на економските интереси на РМ, а чие откривање би можело да доведе до штетни последици по истите.
Незадоволни од одговорот, од Транспаренси бараат Комисијата да провери дали бараната информација навистина е тајна. Комисијата постапила по жалбата и одлучила дека бараната информација навистина е доверлива.
Со ваквата одлука засекогаш ќе остане тајна што ги натерало членовите на владата да се премислат и да станат попустливи, но и дарежливи кон странскиот инвеститор.
Сепак, од Транспаренси Интернешнел Македонија истакнуваат дека тие и понатаму ќе го анализираат случајот со цел да го достават до Јавното обвинителство со сите документи со кои располагаат заради утврдување на евентуална корупција и злоупотреба на службената положба.
„СВИСЛИОН“ ПРЕДУПРЕДУВАШЕ ДЕКА СЛУЧАЈОТ ЌЕ НÈ ЧИНИ СКАПО
До затворањето на овој број од неделникот, не добивме одговор од компанијата „Свислион“ и од „Агроплод“, на кои им испративме прашања по имејл, за нивната верзија на приказната, а одговор не добивме ниту на прашањето што го испративме до Државното правобранителство.
Сепак, кога државата ја поднесе првата тужба, сопственикот, српскиот бизнисмен Родољуб Драшковиќ, тогаш истакна во јавноста дека тоа што се случува е политички притисок.
– Не знам каде оди оваа влада. „Свислион“ го купи државниот пакет акции на берза. Дали е штетен договорот само затоа што го склучила друга влада? Ќе одиме на меѓународен суд и ќе бараме отштета од 25 милиони евра за изгубен углед и материјална штета. Ова што го доживеав во Македонија, не можам да го сфатам. Не знам кому му е во интерес повторно да падне „Агроплод“. Тврдам дека ако излеземе од „Агроплод“, за шест месеци фирмата ќе дојде на раб на ликвидација, изјави тогаш Драшковиќ.
Српскиот бизнисмен тогаш испрати и предупредување дека правдата ќе ја бара пред меѓународните судови, кои ќе ја спречат македонската влада да се занимава со криминал. Меѓу другото, изјави и дека тоа скапо ќе ја чини Македонија.
И така и се случи. Од победник, државата, стана поразена странка. Ги изгуби акциите што си ги поврати со судска одлука, но за џабе потроши и неколку милиони евра.
Или можеби, сепак, не било за џабе? Очигледно е дека кога претставниците на владејачката партија трошат народни пари, тоа не го сметаат за загуба. Пресметка прават само на парите што ќе легнат на нивна сметка. Тогаш е важно салдото да е во плус.
Драшковиќ во 2006
ВЛАДАТА САКА ДА МЕ РЕКЕТИРА
Српскиот бизнисмен во тоа време дури и обвинил дека со поднесената тужба владата сака да го рекетира.
– Одредени кругови од владата или од администрацијата прават пат да дојдат до рекет. Со допис го информиравме премиерот Груевски, па да почекаме да видиме како ќе реагира. Сигурно македонската и европската јавност ќе бидат известени што се прави во Македонија. За 10 години успешно работење не сме направиле стопански престап, а во Европа „Свислион“ има највисоко ниво на деловност, изјави во 2006 година Драшковиќ.
Автор: Валентина Вурмо
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.