Новиот извештај на Транспаренси Интернешнл покажува дека луѓето се плашат да зборуваат за корупцијата
Берлин, 16 ноември 2016 година. Еден од тројца луѓе кои живеат во Европа и Централна Азија сметаат дека корупцијата е еден од најголемите проблеми со кои се соочува нивната земја, се вели во извештајот на Транспаренси Интернешнл објавен денес. Оваа бројка расте на двајца од секои тројца жители во Молдавија, Шпанија и Косово, покажувајќи дека се потребни итни дејствија против злоупотребата на моќта и тајните договори.
Речиси една третина од жителите на регионот веруваат дека нивната влада и законодавците се многу корумпирани, а мнозинството од луѓето велат дека нивните власти не прават доволно за да ја сузбијат корупцијата.
Повеќе од половината жители на земјите на Европската Унија (ЕУ) (53%), земјите кандидати за членство во ЕУ (53%), Заедницата на независни држави (ЗНД) составен главно од поранешни држави од Советскиот Сојуз (56%), рекоа дека нивните држави не успеале да ја спречат корупцијата. Властите во Украина (86%), Молдавија (84%), Босна и Херцеговина (82%) и Шпанија (80%) беа најниско оценети од страна на нивните граѓани.
Транспаренси Интернешнл разговараше со речиси 60.000 граѓани во 42 држави во Европа и Централна Азија во врска со нивните искуства со корупцијата во нивниот секојдневен живот за новиот извештај „Луѓето и корупцијата: Европа и Централна Азија“, кој е дел од Глобалниот барометар за корупција за 2016 година.
Во просек, едно од шест домаќинства платило мито при пристапот до јавни услуги. Иако малку домаќинства платиле мито во повеќето земји – членки на ЕУ, стапките беа значително поголеми на подалечниот исток; највисока беше стапката во Таџикистан (50%), Молдавија (42%), Азербејџан, Киргистан и Украина (38%) и Русија (34%). Романија имаше највисока стапка помеѓу земјите – членки на ЕУ со 29%, а по неа следуваше Литванија со 24%.
Во најбогатите земји речиси двајца од секои тројца граѓани (65%) веруваат дека богатите сограѓани имаат преголемо влијание во политиката, споредено со 44% во земјите кандидати за членство во ЕУ и 46% во земјите од ЗНД.
Во Шпанија 88% од испитаниците одговориле дека богатите поединци имаат несоодветно влијание врз одлуките на владата, во Португалија така одговориле 85%, во Франција 79%, во Германија и во Велика Британија по 77%.
„Корупцијата е значаен проблем во цела Европа и Централна Азија. Во земјите членки на ЕУ многу граѓани гледаат како богатите и оние во власта го извртуваат системот во нивна корист“, рече Хозе Угаз, Претседател на Транспаренси Интернешнел. „Владите едноставно не прават доволно во борбата против корупцијата затоа што поединците кои се на врвот имаат корист од тоа. За да се прекине оваа длабоко проблематична врска помеѓу парите, моќта и корупцијата, властите мора да обезбедат поголема транспарентност, вклучувајќи и тоа кој ги поседува или контролира компаниите преку обезбедување на јавни регистри на сопственост.
„Тешко е да се променат корумпираните елити и олигарсите преку нивната позиција на врвот на пирамидата на моќта. Сепак, знаеме дека тоа може да се направи ако луѓето се обединат во барањата за повисоки стандарди од нивните лидери и ако судството делува независно и ги држи отчетни,“ рече Угаз.
Друг камен на сопнување во борбата против корупцијата е недостатокот на заштита за оние кои зборуваат против неа. 30% од испитаниците ширум Европа и Централна Азија рекле дека главната причина поради која луѓето не пријавуваат случаи на корупција е стравот од последици. Двајца од секои пет луѓе кои пријавиле како укажувачи претрпеле одредени последици како резултат на тоа.
Исто така, постои и стигма околу оние кои пријавуваат. Конкретно, во земјите на ЗНД дури една четвртина од луѓето сметаат дека укажувањето е општествено прифатливо (27%).
Малку граѓани се чувствуваат доволно силни за да помогнат во сузбивањето на корупцијата во нивната земја. Помалку од половината од луѓето (47%) во земјите членки на ЕУ чувствуваат дека можат да направат разлика во борбата против корупцијата, а оваа бројка паѓа на помалку од една третина (31%) во земјите од ЗНД.
Транспаренси Интернешнл дава четири клучни препораки за намалување на политичката корупција и помагање на луѓето да пријавуваат без страв од одмазда. Владите ширум Европа и Централна Азија треба:
– да имаат транспарентни услови за лобирање на јавен регистар на лобисти со што ќе се олесни надзорот над политичките одлуки;
– да ја обезбедат независноста на судството, особено во земјите кандидати за членство во ЕУ и земјите од ЗНД преку намалување на влијанието на извршната власт врз судството и обвинителството и преку објективни и транспарентни системи за назначување, преместување или разрешување на судии и обвинители;
– да усвојат и спроведат опсежна легислатива за заштита на укажувачите;
– да ги поддржат укажувачите и пријавувачите на корупција и да обезбедат соодветно проследување на она што го откриваат.