09.12.2016 Транспаренси Интернешнл – Македонија по повод 9-ти декември Меѓународниот ден за борба против корупција укажува дека борбата против корупцијата треба и понатаму да биде клучен приоритет на сите носители на политички функции, на институциите и на судството со цел да се надмине постоечката политичка криза предизвикана пред сѐ поради укажувањата за корупција.
„Слабото спроведување на антикорупциските закони, недостигот на владеењето на правото, ограничената институционална соработка, како и сериозните недостатоци во практиките на институциите во однос на независноста, транспарентноста, интегритетот и отчетноста“ се клучните проблеми наведени во Национален систем на интегритет – Оценка за Македонија, истражување кое беше спроведено од ТИ-Македонија. Меѓународната заедница во повеќе наврати апелираше дека токму непостоењето на политичка волја за справувањето со корупција во државата се покажа како значаен проблем кој може да ги доведе во прашање Евро-атлантските интеграции на државата.
Токму на овој ден апелираме до целокупната јавност и посочуваме дека од големо значење за развојот на демократските процеси во државата е поставување на следниве стратешки приоритети и системски реформи:
– Владата да обезбеди ефективна отчетност, интегритет и етичко однесување на министрите и функционерите на извршната власт;
— Владата да воведе алатки за граѓаните да обезбедат увид и да ја зголеми транспарентноста на јавното трошење;
– Собранието треба да ги повика на одговорност службените лица кои ги назначиле да ги водат антикорупциските политики;
– Државната комисија за спречување на корупција треба да обезбеди објавување на својата практика и своите објаснувања на одлуки, особено на одлуките поврзани со политичко финансирање, судирот на интереси и анкетните листови;
– Судскиот совет треба да обезбеди целосно спроведување на назначувањето и на унапредувањето на судии врз основа на заслуги, со што би се зајакнале независноста, непристрасноста и интегритетот на судството;
– Јавното обвинителство треба да обезбеди точни и навремени информации во врска со гонењето на случаите на корупција, како и за случаите што се поврзани со незаконски прислушуваните разговори;
– Владата треба да ги подобри и да ги направи транспарентни постапките за консултации во врска со политиките со групи граѓански организации;
– Здруженијата на новинари треба да предложат законски измени за зајакнување на етичкото однесување и на интегритетот на медиумите и на новинарите.