28.02.2018 Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска се сретна и разговараше со Методи Зајков, генерален секретар на Transparency International за Македонија и Каролина МекЛахлан, менаџер за истражување и политика – конфликти и небезбедност од меѓународната канцеларија на Transparency International.
На средбата Министерството за одбрана го изрази својот интерес да биде вклучено во Антикорупцискиот индекс на Transparency International – одбрана и безбедност, преку кој се вршат проценки на ефективноста и зајакнувањето на институционалните и неформалните контроли во справувањето со ризикот од корупција во одбраната и безбедносните институции.
Целта на вклучувањето ќе биде да се подобри работата на институциите од одбраната и безбедноста на Република Македонија, да се зајакне нивната антикорупциска агенда и, на тој начин, да се зголеми довербата во нив.
Неколку од земјите од регионот (Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина) веќе се вклучени во антикорупцискиот индекс на Transparency International, но за жал тоа не било случај со Република Македонија.
Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија со овие чекори ја истакнуваат својата силна политичка волја за поголема транспарентност, одговорност и вистинска борба со корупцијата.