04.04.2018 Транспаренси Интернешнл – Македонија, по повод информациите добиени од медиумите дека МВР набавило 45 автомобили Шкода Октавија без да распише оглас за јавна набавка, поднесе Барање за пристап до информнации од јавен карактер до МВР со цел да ги испита овие наводи. Барањето е поднесено на 19.03.2018 година, а на 02.04.2018 година го добивме одговорот во кој недостасува најбитниот дел – извештајот од преговорите со фирмите кои добиле покана да поднесат понуда. МВР образложи дека причината за тоа е фактот што фирмите – понудувачи сè уште имаат право на увид во документацијата.
Со оглед на тоа што во Законот за јавни набавки не е содржан рок кој го ограничува увидот, а роковите за жалба во постапката за јавна набавка се изминати, сметаме дека ова образложение е правно неиздржано.
Доколку се воспостави пракса на необјавување на извештаите од преговорите поради оваа причина, која како што споменавме не е ограничена со рокови, институциите кои прават јавни набавки во постапка со прегоравање ќе можат засекогаш да ги кријат причините поради кои ја избрале понудата која што ја избрале. Тоа е спротивно на нашите заложби за транспарентност во работењето на институциите и затоа Транспаренси Интернешнл – Македонија поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.