18.05.2018 Транспаренси Интернешнел Македонија ги повикува сите институции во државата, вклучително Судскиот совет, Финансиската полиција, Јавното обвинителство да преземат мерки во рамки на своите надлежности за да ги испитаат сите незаконитости во постапката за стечај во Фени Индустри АД Кавадарци.
Го повикува Стечајниот судија Валентина Ѓеоргиевска по предметот СТ-111/17 на Основниот суд Велес да постапи според Законот за стечај и да го отфрли Планот за реорганизација на стечајниот должник Фени Индустри АД Кавадарци како ненавремен.
Укажува на суштински повреди во Планот за реорганизација на стечајниот должник Фени Индустри АД Кавадарци, како уште една причина за негово отфрлање по службена должност
Транспаренси Интернешнел Македонија продолжува со мониторингот на постапката за стечај во Фени Индустри АД Кавадарци.
Деновиве добивме информација дека во Основниот суд во Велес е доставен План за Реорганизација на Фени Индустри АД Кавадарци. Анализите кои Транспаренси Интернешнел Македонија ги направи на основа на доставените документи укажуваат дека и понатаму се продолжува практиката на незаконитост во постапувањето од страна на Стечајниот судија и Стечајниот уравник.
Откако на Извештајното собрание на доверители одржано на ден 07.02.2018 година, од страна на стечајниот судија, е донесена одлука деловниот потфат на стечајниот должник Фени Индустри АД Кавадарци да продолжи, а Стечајниот Управник Мирослав Анастасиевски е овластен да го изготви Планот за реорганизација согласно инструкциите дадени од Одборот на доверители и да го достави во рок од 45 дена од одржувањето на извештајното собрание. Донесувањето на Планот за реорганизација е врз основа на иницијатива од доверителите Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и СИЛК РОУД БАНКА АД Скопје.
Пред истекот на овој рок, на 23.03.2018 година, со заеднички поднесок до судот Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и СИЛК РОУД БАНКА АД Скопје го известиле Судот дека со поединечни солемнизирани договори за продажба ги пренеле своите побарувања на Глобал Спешал Опортјунитис Лтд. Во врска со ова на 26.03.2018 година судот дозволил продолжување на рокот за поднесување на План за реорганизација за уште 15 дена. Тој рок истекува на 10 април 2018 година.
Претходно на 31.01.2018 година со Глобал Спешал Опортјунитис Лтд од Бахами Стечајниот управник Склучи Договор за преработка на никелова руда. Од договорот произлегува дека предмет на закуп, не се само технолошките капацитети како предмети (ствари) туку се и работниците, неверојатно третирани како предмети, врз кои закупецот има право на целосна контрола, надзор и управување. Сето тоа со договор за закуп. На оваа околност никој досега не реагира.
На 10.05.2018 година Глобал Спешал Опортјунитис Лтд. до Основниот суд Велес поднел План за Реорганизација на стечаен должник Фени Индустри АД Кавадарци.
Овој план е поднесен 72 дена после одржувањето на Извештајното собрание, односно 12 дена после утврдениот рок за поднесување на Планот. На овој начин сторена е формална повреда на Законот за стечај.
Согласно член 216 став 4 од Законот за стечај, ако во определениот рок не биде поднесен план за реорганизација, со решение на стечајниот судија постапката веднаш продолжува со впаричување на имотот.
Поради ова Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека Стечајниот судија морал да донесе решение за отфрлање на планот како ненавремен и постапката да ја продолжи согласно законот.
Во конкретниот случај стечајниот судија иако бил должен согласно член 216 став 4 од Законот за стечај да донесе решение со кое постапката веднаш продолжува со впаричување на имотот, тоа не го сторил, туку го процесуира планот и го доставува на разгледување и мислење до одборот на доверители и до стечајниот управник.
На 10. 05. 2018 година Одборот на Доверители во состав Глобал Спешал Опортјунитис Лтд, ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ Скопје, ТАВ Македонија, РАДЕ КОНЧАР Скопје и Директорката на УЈП, донел одлука со која дава позитивно мислење за Планот за реорганизација на стечајниот должник.
При носењето на оваа одлука директорката на УЈП гласала против.
Во овој случај, не само што постои привилегиран сукцесор доверител кој инаку е фонд кој во моментов го има ФЕНИ под рента, туку со планот се предвидува и една цела група на доверители да не биде надоместена, која иако на најниско ниво сепак е група на доверители кој заслужува и ужива правна заштита.
Самиот стечаен управник во Изјаснување поднесено до Стечајниот судија на 14.05.2018 година, укажува на одредени недоследности во самата содржина на планот, но неговите укажувања не се прифатени во целост од страна на членовите на одборот на доверители иако се однесуваат на суштински елементи на планот :
1. Во планот за реорганизација не се вклучени и проектирани финансиски извештаи;
2. 75% од имотот на Стечајниот должник е воспоставено заложно право;
3. Ако се земат во предвид карактеристиките и специфичноста на имотот и на дејноста, може да се констатира дека проценетата вредност и остварувањето на правата на доверителите во оваа стечајна постапка се под влијание на одржување на имотот во работна состојба. Во спротивно пазарната вредност би била повеќекратно намалена;
4. Предложениот план за реорганизација предвидува намирување на разлачниот доверител од 90%. Во услови на ликвидација поради специфичноста на опремата и имотот, разлачниот доверител би се намирил со многу помалку;
5. Доверителите со приоритетни побарувања би се намириле 100% согласно законот за стечај;
6. Согласно професионалниот стандард за минимум податоци кои треба да ги содржи, планот за реорганизација не може да биде условен од идни настани, со оглед на тоа доверителите тешко можат да ја проценат веројатноста на успешноста во нивното намирување со спроведување на таков план за реорганизација;
7. Дополнително, со предложениот план за реорганизација не е дефинирана идејата за потребата од постоење на две нови трговски друштва, ако се земе предвид дека Ново фени Дооел е предвидено да биде друштво чија основна дејност ќе биде наплата на побарувања,а ќе престане да постои по завршувањето на судските постапки;
8. Согласно член 219 ст 2 планот за реорганизација треба да содржи писмени изјави на двете новоформирани друштва дека ќе ја продолжат работата на должникот и ќе бидат одговорни за обврските што во иднина ќе произлезат од ваквото работење.
Покрај суштинските забелешки, Стечајниот управник дал Мислење, по извршените корекции планот за реорганизација да се прифати од страна на доверителите
Ова укажува на постоење на повреди на постапката предвидени во член 236 од Законот за стечај особено што со доставениот план за реорганизација одредена група на доверители не се подеднакво третирани, што значи дека планот не е подготвен и доставен во согласност со Законот за стечај.
Поради ова, Транспаренси Интернешнел Македонија го повикува Стечајниот судија Валентина Ѓеоргиевска по предметот СТ-111/17 на Основниот суд Велес да постапи според Законот за стечај и да го отфрли Планот за реорганизација на стечајниот должник Фени Индустри АД Кавадарци.
Од антикорупциски интерес може да се постави едно и едноставно прашање: дали било кој напор да се донесе странски инвеститор или да се убеди домашен инвеститор да започне деловен потфат во Република Македонија ќе вроди со позитивен исход со ваква барем досега за во аналите незаконита стечајна постапка.
Фени Индустри АД Кавадарци е најголемиот индустриски капацитет во Република Македонија основан со Одлука на Извршниот совет на СР Македонија во 1975 година, а почнал со работа во 1982 година. Во изградба на овој капацитет се вложени средства на граѓаните на Република Македонија. Денеска Фени Индустри АД Кавадарци е најголемиот учесник во Бруто домашниот производ во Република Македонија.
На ден 31.10.2017 година, Основниот суд во Велес, со Решение Ст. бр. 111/17 од 31.10.2017 година, поведува претходна стечајна постапка над имотот на должникот Фени Индустри АД Кавадарци, при што закажува рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка врз Фени Индустри, кое рочиште е одржано на ден 13.11.2017 година.
Од страна на Основниот суд Велес, донесено е Решение за отворање стечајна постапка – Ст. бр. 111/17 од 29.11.2017 година, објавено во Сл. весник бр.173/2017. На истиот датум Судијата Ѓеоргиевска го презема предметот.
Стечаен Управник на Фени Индустри АД Кавадарци во стечај, Мирослав Анастасиевски
http://e-submit.crm.com.mk/eBankruptcyPublic/statepreview.aspx?pld=DA8ED9458A524779AFB98602D1FAC868&pStateId=1200