22.05.2018 Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски се влезени во петте номинирани за добивање на престижната награда за заштита на укажувањето и правото на информирање што годинава првпат ја доделува Европскиот Парламент во чест на новинарката Дефне Каруана Галиција што беше убиена во експлозија во Малта.
Лазаревски и Костовски се номинирани од „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, заради овозможувањето да биде објавена вистината за Македонија преку информациите за незаконито прислушкување од страна на поранешната власт во Македонија, беше посочено на денешната прес конференција на „ТИ“ .
Како што истакна претседателката на „Транспаренси Македонија“ Слаѓана Тасева се надева дека Лазаревски и Костовски ќе ја добијат наградата бидејќи овозможија вистината да излезе на виделина и да дојде до трансформација на власта во Македонија.
Ѓорѓи Лазаревски, кој беше присутен на денешната прес-конференција, истакна дека се уште се соочуваат со стравови за својата безбедност и безбедноста на нивните семејства и додаде дека морал да ја напушти работата во МВР, а на неговиот колега дури и стрес му претставува и секојдневното појавување во јавноста поради што и не дошол.
Прашан дали досега го контактирал некој, а особено премиерот Зоран Заев, кој во времето на објавувањето на „бомбите“ ги нарече херои него и неговиот колега, рече дека никој досега не го контактирал и додаде дека по првпат јавно кажува дека имал желба да се врати на своето претходно работно место во МВР и таму да се пензионира.
Истакна дека во моментов се спроведува стариот закон за прислушување и додаде дека го поздравува формирањето на ОТА како посебна агенција и досега не размислувал дали да се кандидира на местото директор на Агенцијата.
Покрај Лазаревски и Костовски за добивање на наградата номинирани се и словачкиот новинар Јан Куцјак кој беше убиен во јануари годинава, основачот на „Викилис“ Џулијан Асанж, поранешната вработена во Пилатус банка, Марија Ефимова, и поранешниот вработен во Прајсвтер купер, Рафаел Палет. За наградениот е предвидена награда од 5.000 евра.