12.07.2018 Законската регулатива за финансирање политички партии е квалитетна и добра. Проблем е транспратеноста и контролата на процесот. За подобрување на состојбите неопходно е зајакнување на контролата преку создавање една надлежна институција. Финансирањето на политичките партии може да биде вратата преку која корупцијата влегува во целиот систем.
Ова се ставовите на дел од учесниците на денешната тркалезна маса на тема „Подобрување на моделот на финансирање на политичките партии во Македонија“, што се одржа во организација на Националниот демократски институт (НДИ) и во соработка со Транспаренси Интернешнл Македонија.
Законските решенија се добри, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија и се знае кои се забранети и дозволени начини на финансирање на политичките партии.
– Но, системот на контрола е толку расцепкан, што сите институции се надлежни и ниту една не е надлежна за да каже кои се неправилностите и да донесе конкретна одлука за тоа дали имало неправилности, рече таа.
Проблем, според неа е финансирањето на изборни кампањи и политички партии од државни институции, локални самоуправи, но и донации од граѓани кои не се транспратентни.
– Оние кои даваат поголеми пари за партиите очекуваат од нив кога ќе дојдат на власт да работат во нивен интерес, дали во донесување одлуки, закони или преку добивање предност и приоритет во водењето на нивните бизниси, рече таа.
Министерката за правда Рената Дескоска се согласува дека законските решенија се добри, за што, како што рече, говорат и оценките на меѓународните организации, меѓу кои и на ГРЕКО, но оти треба да се работи на поголема контрола на финасирањето на партиите.
– Треба да работиме на зајакнување на механизмите за имплементација на законските норми, бидејќи во нашите закони јасно е пропишано кои се забранети извори на финансирање – од странство, од државни институции, јавни институции…, рече Дескоска.
Јакење на капацитетите, според неа, значи зајакнување и на Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, судството и обвинителството. Тие, рече министерката Дескоска, се институциите, кои можат да придонесат за спречување на корупција и нелегално финанирање на политичките партии.
Како можност и Тасева и Дескоска не го отфрлија и финасирањето на политичките партии само од буџетски средства, но, посочија се уште не може да се каже дали е можно да се реализира.
– Тоа е еден од механизмите за контрола и спречување нелегално финансирање на политичките партии, но поради буџетското ограничување не знам колку е можно да се спроведе, но, во секој случај значи дека ќе бидат потребни многу поголеми средства, а за тоа треба да се изјасни и Министерството за финансии, рече Дескоска.
И Лиза Клајн, консултант на НДИ Македонија, смета дека контролата на финансирањето е послабата алка и оти треба да се работи на нејзино зајакнување.
Законите, вели таа, се добри, но проблем се транспаретноста и надзорот. За справување со проблемот, е потребно време, и потребно е да се работил темелно, чекор по чекор.