12.03.2019 Реакција по Соопштение од Владата на Република Северна Македонија објавено на 07.03.2019 година, а во врска со бесправна градба на хотел во нас. Стар Лагадин, Охрид и барање да се престане со практиката за менување на законите согласно потребите, со што се востановува правна несигурност на граѓаните на РС Македонија.
На 07.03.2019 година Владата објави соопштение во кое се наведува дека во рамки на надлежностите на министерството и на локалната самоуправа, конечното решение во врска со барањето да се стопира градбата на хотелот во Стар Лагадин која навлегува во заштитениот појас на езерото може да се очекува од одредбите на новиот Предлог-закон за урбанистичко планирање којшто е во собраниска постапка и чие донесување се очекува наскоро. (линк до соопштението https://vlada.mk/node/17099 )
Во правец на најавите за носење на нови законски решенија предвидени во Предлог – Законот за измена и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој е предвидено да се донесе во скратена постапка, апелираме да не се усвојат решенија со кои ќе се овозможи легализација или продолжување на градба на објекти за кои е утврдено дека постојат неправилности и прекршување на повеќе постапки при носењето на општите акти за градба и при давањето на одобренија за конкретни објекти, како и за објекти што се наоѓаат во заштитениот појас на езерото каде согласно Законот за води е забрането градење на градби кои би можеле да штетат на водотекот и коритото на езерото.
Транспаренси Интернешнл Македонија бара од Владата на Република Северна Македонија и од општината Охрид при носењето на програмите и стратегиите за развој на туризмот, како и при носење и усвојување на урбанистичките планови на градот Охрид да ги почитуват препораките на УНЕСКО за умерен урбанистички развој на Охрид. Во тој правец бараме од органите на централно и локално ниво да ги почитуваат важечките закони за просторно и урбанистичко планирање како и за заштита на животната средина и природата особено со цел зачувување на Охрид како регион од особено природно и културно-историско значење и зачувување на неговото место на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Транспаренси Интернешнел Македонија потсетува дека за изградба на проектот Скопје 2014 година неколку закони претрпеа повеќе измени и дополнувања за потребите на изградбата на овој проект меѓу кои Законот за градење претрпе дури 21 измена и дополнување во периодот од 2009 до 2015 година, потоа Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за заштита на културното наследство, а беа донесени и спорни одлуки на Владата на РМ. Да не се дозволи повторување на оваа пракса на носење на законски решенија со кои централната власт ќе оствари влијание во урбаните политики на градот Охрид за остварување на интересите на поединци за сметка општото добро на жителите на градот Охрид, градот Охрид и на штета на граѓаните на Република Северна Македонија.