Уредби со законска сила со ризик од корупција, барање за извештаи во врска со спроведување на Уредбите како и за објавување на донациите
27.04.2020 Транспаренси Интернешнел Македонија ги следи и анализира Уредбите со законска сила донесени од Владата на РС Македонија од аспект на ризик од корупција. Во овиа рамки, а од почетокот на прогласената вонредна состојба, издвоени се неколку Уредби за кои укажуваме дека во себе содржат ризик од корупција, што ќе се има во предвид при натамошно следење на спроведување на овие Уредби.
Следењето на спроведувањето на овие уредби ќе се одвива преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. При тоа, укажуваме и бараме од сите надлежни органи и институции навреме самите да објавуваат редовни и ажурирани информации за постапувањата во врска со овие Уредби, да се изготвуваат редовни извештаи кои ќе бидат објавени на веб страната на Владата и на надлежните органи. Исто така бараме Владата да обезбеди навремено постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер, затоа што во овој период истото се одвива со големи задоцнувања.
Дополнитено, а во интерес на градење на доверба од граѓаните во однос на располагање со буџетот и другата финансиска и нефинансиска помош добиена во услови на оваа вонредна состојба, бараме Владата претходно да ги објавува политиките за прераспределба на буџетски средства како износот, количината и распределбата и сите донации кои се добиени од било кој извор.
Уредби со законска сила кои содржат ризик од корупција се:
1.Уредба со законска сила за примена на законот за заштита на наслението од заразни болести во време на вонредна состојба.
Ризици од корупција:
– Договорите со хотелите кои ќе изразат интерес на јавниот повик на Владата на РСМ да ги отстапат своите капацитети за државен карантин ќе се спроведат со постапка со преговарање без објавување на јавен оглас.
– Трошоците за превоз на лицата од граничните премини во РСМ и од Аеродромот Скопје до објектите на држваен карантин се на товар на Владата – ГС, со спроведување на постапка со преговарање без објавување на јавен оглас.
2. Уредба со законска сила за јавно обвинителски службеници, истражителите и другите вработени во јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите
Оваа Уредба заслужува внимание од аспект на итноста за нејзино донесување и легитимитетот на оваа Владата да го уреди ова прашање во услови на прогласена вонредна состојба и распуштен Парламент.
3. Уредба со законска сила за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба – предност при изборот им се дава на оние понудувачи кои најбрзо ќе достават респираторни машини кои ја исполнуваа спецификацијата. Оваа јавна набавка ќе се следи од страна на ТИ-М.
4. Уредба со законска сила за изменување и дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за внтрешни работи за време на вонредна состојба
Согласно оваа уредба полицајците – приправници по истек на приправничкиот стаж се смета дека го положиле посебниот односно приправничкиот испит и истите се распоредуваат на работно место „полицаец“ во МВР.
Се поставува прашањето дали и во каков облик полицајците-приправници во иднина ќе го полагаат овој испит за да го задржат работното место.