28.04.2020 Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја продолжија својата соработка на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, клиентелизам и кронизам.“
И ДКСК и ТИ- М сметаат дека ова истражување уште повеќе добива на значење во овие денови на пандемија од вирусот Ковид 19, кога голем број на вработени ги изгубија своите работни места, а со тоа и своите примања, до степен на загрозена егзистенција која се јавува и како причина за семејно насилство.
„Пандемијата на Ковид 19 и мерките кои се преземаат за справување со оваа состојба уште еднаш покажа дека најсигурно работно место, а со тоа и најсигурна егзистенција нуди вработувањето во државната администрација и вработувањето во јавниот сектор. Ова е уште една силна потврда на оправданоста од едно истражување кое има зе цел да ги обелодени точките на ранливост од корупција, присуството на влијанија, непотизам и кронизам при вработувањата, наспроти принципон на мерит, критериуми и подеднаква шанса за сите„ рече д-р Слаѓана Тасева, претседател на ТИ- Македонија.
Проектот за потребите на Државната комисија за спречување на корупцијата и МИОА го реализира Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиски е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија. Во рамките на овој проект изготвен е извештај за активностите спроведени во периодот од јули 2019 до април 2020 кој е предмет на оваа презентација.
Изјава од Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција: “Во рамките на јавната администрација неопходно е да се воспостават правни но и практични механизами преку кои ќе се уреди процесот на вработување и напредување. Овие механизми мора да се засноваат транспарентност и отвореност на постапките, како и на принципите на вредности со цел да се одберат најдобрите кандидати. Во спротивно, непотизмот и партиската припадност повторно ќе доминира при вработувањето во администрацијата”.
Како дел од ова соопштение, следува презентацијата за Извештајот во која подетално се опишани сите фази и се вклучени резултатите и препораките од направената анализа:
Целта на Извештајот е:
1. Да се прикажат воочените системски и индивидуални слабости и нотираните проблеми или точките на ранливост кои постојат во нормативната рамка со која се уредуваат постапките за вработување во јавниот сектор.
2. Овие ранливости пред се се однесуваат постапките за вработување на административните и јавните службеници, постапките за избор и именување, менувањето на правилниците за систематизација на работните места, определувањето на висината на платата и надоместоците на вработените, членовите во управните одбори, постапките за оценување и унапредување на службениците, времените вработувања и други.
3. Нотирајќи ги ранливите точки, на крајот од Извештајот даваме конкретни заклучоци и препораки како истите би можеле да се надминат и да се спречи непотизам, клиентелизам и кронизам при постапките за вработување или избор, именување или назначување на високи раководни функции.
Опфат на истражувањето:
a. Позитивно-правна анализа
b. Анализа на подзаконски акти
c. Анализа на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер
d. Анализа на огласи за вработувања
e. Анализа на интревјуа
f. Компаративна анализа
g. Анализа на контролни механизми
h. Анализа на плати
4. Од спроведените активности констатиравме дека станува збор исклучително комплексна материја, за која во практиката не постојат доволно информации. Така на пример во една институција може да има повеќе видови на вработени чии права и обврски се уредуваат со посебни прописи, од кои едни се сметаат за административни службеници, едни за даватели на услуги, други за техничко помошни лица.
5. Самата постапка за вработување претставува процес кој е регулиран со повеќе акти, во кој се вклучени повеќе институции, а од чие јасно и прецизно уредување во материјалните прописи и подзаконски акти и транспарентно и фер спроведување, зависи довербата на граѓаните во институциите и намалување или потполно спречување на ризиците од корупција, влијание, клиентелизам, кронизам во постапките за вработување.
6. Генералниот заклучок е дека во РС Македонија досега се преземени бројни чекори со кои се изврши хармонизацијата на службеничкото законодавство со европските принципи и стандарди. Сите прземени мерки и активности како и донесувањето на Стратегијата за реформа на јавна администрација за периодот од 2018-2020 се оценуваат како позитивни и од страна на Европската комисија во последниот Извештај за напредок.
7. Но, и покрај се и од Стратегијата и од Извештајот на Европската комисија, но и во овој Извешатај се нотираат уште точки на кои треба да се работи во иднина. Понатаму треба да се надогради националниот службенички систем на тој начин што во него не само што ќе бидат инкорпорирани европските стандарди за развој на службеничкиот систем, прилагодени на нашите услови, туку треба да се преземат и конкретни мерки и механизми за доследно спроведување на она што е нормирано со цел обезбедување на стручен, професионален, ефикасен и ефективен кадар, кадар кој што нема да биде под политички влијанија и други интереси, туку работата ќе ја извршува транспарентно и непристрасно.
8. Само преку јакнење на интегритетот на институциите и на вработените, преку намалувањето на дискреционите овластување и преку афирмирање на механизмите за пријавување за незаконитости во постапки за регрутирање на кадри може да влијаеме кон намалување на клиентелизмот, непотизмот и кронизмот во постапките за вработување во јавниот сектор.
9. На крајот, она што е добро не треба да се менува, а она што досега не дало резултати треба да се измени, дополни или усоврши. Во таа насока се и наодите и од проценката за која може да се каже дека е заснована на сеопфатни анализи и доволно искуствени информации кои ни даваат право да оцениме дека овој Извештај и препораките кои подетално ке ги презентираме во јуни оваа година, ќе може да помогнат за надминување на недоследностите и подобрување на службеничкиот систем.
10. Би сакале да напоменеме дека Заклучоците и препораките во овој Извештај ќе бидат прецизирани во финалниот Извештај кој ќе биде објавен во јуни 2020година.
* Проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам”, финансиски е поддржан од грант на Амбасадата на Кралството Холандија.