Ако пет судии се проверуваат две години, колку време ќе треба да се проверат сите?
Оваа истражувачка сторија е подготвена од новинарката Лила Караташева, како дел од активноста „Јакнење на капацитетите на институциите во борбата против корупцијата“ поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Ставовите изразени во сторијата му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.
11.01.2020 Институциите газат на прсти околу имотот на судиите. Комбинацијата недостиг на закон за потекло на имот, поделба на надлежности и недостиг на ресурси на Државната комисија за спречување на корупцијата ја комплицира борбата против корупцијата. Имотот на петмина судии, кои беа посочени од американскиот Стејт департман, се испитува веќе две години.
Поминаа две години откако американскиот Стејт департман именуваше петмина македонски судии кои дозволиле директно мешање на политиката во правосудството, но истрагата за нивната имотна состојба сè уште е заглавена во институционалните лавиринти.
Државната антикорупциска комисија најави проверка на нивниот имот и од Финансиската полиција побарала да го истражи. Во Финансиската полиција велат дека презеле мерки и активности и обезбедиле документација за извршената финансиска истрага и ги известиле и Антикорупциската и Обвинителството.
Антикорупционерите, пак, велат дека досега е завршена истрагата за само еден од петтемина судии.
„Ако за пет судии ни се потребни две години, колку години ќе ни требаат за да испитаме 500 судии“, прашува поранешниот антикорупционер Драган Малиновски.
„Антикорупциска со врзани раце,
Има ли во авионот пилот, очите му се на тилот,
нема Закон за потекло на имот,
перат валкан кеш, како валкан веш,
пиљарот вози БМВ, интелектот оди пеш.“
Стиховите од песната „Скопска ситуација“ ’98 од популарните САФ, стари 22 години, се добра илустрација за бавното менување на работите во Северна Македонија.
Во 2019 година, премиерот Зоран Заев ја повика Антикорупциската комисија да ја започне проверката на имотот на судиите, ветувајќи им дека извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети.
Сепак, Државната комисија за спречување на корупцијата сè уште кубури и со пари, и со луѓе и со опрема. Во земјава уште нема донесено Закон за потекло на имот, кој според претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, е системско решение за следење на имотот на функционерите. Со тоа би се избегнала можноста функционерите да го ставаат имотот на друго име, а по завршувањето на функцијата да го вратат на свое. Антикорупциската комисија нема законска можност да го испитува имотот на други лица, туку само на функционерите.
Ивановска вели дека нивен најголем проблем во работата е софтверот кој треба да ги поврзе со 17 институции. Тој би ѝ помогнал на Комисијата за пократко време, самостојно да ги открива коруптивните дејства, без да бара помош од други институции.
„Финансиската полиција има начини подлабински да испита како судиите го стекнале имотот. Ние немаме ни истражен центар, ниту истражители“, вели Ивановска.
Проблем претставува и трговијата со влијание, која не секогаш е директно поврзана со пари, односно се работи по принципот „услуга за услуга“.
„Функционерите често знаат во банките да пријавуваат пари во готовина за кои ДКСК не може да го дознае потеклото“, открива Ивановска.
Драган Малиновски беше член во првиот состав на ДКСК. Според него, од тогаш до денес работите не се сменети, а Антикорупциската комисија се доживува само како декор.
„На Македонија не ѝ е потребен специјален закон, само треба на ДКСК да ѝ се овозможат капацитети и ресурси за да ја вршат работата самостојно без да ги молат останатите институции“, вели Малиновски.
Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешнл и некогашен член на ДКСК, открива дека од почетокот досега ниту една Влада не била заинтересирана да ѝ овозможи соодветно работење на Комисијата.
„Не може Владата да бара нешто, а за тоа да не обезбеди услови. Основен предуслов за работата на такви тела е токму нивниот капацитет“, вели Тасева и додава дека ДКСК веќе има изработено методологија за проверка на имотната состојба на функционерите, но нема алатка за да ја спроведе.
Според неа, поддршката од Владата во овој процес е неопходна, бидејќи проверката на имотот на судиите и имотот на нивните семејства треба да се направи на начин кој ќе влева доверба кај граѓаните.
Златната петорка од извештајот на Стејт департманот
Специјалното јавно обвинителство пред две години посочи дека судиите Александра Зафироска, Јово Вангеловски, Светлана Костова и Софија Лаличиќ постапувале несоодветно и по директни политички наредби. На овие четворица, Стејт департманот во 2018 година го додаде и поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, кој го заобиколувал електронскиот систем АКМИС за распределба на предмети и на своја рака одлучувал кој предмет на кој судија ќе му биде доделен.
Јово Вангеловски – Кумашинот на чело на највисокиот суд
Во својата судска кариера, Вангеловски два пати беше на чело на Врховниот суд во земјава. Првиот мандат го започна во 2008 година. Заедно со својот кумашин, екс-претседателот на Собранието Трајко Вељаноски беа на чело на судската и законодавната власт во државата.
Вангеловски повторно седна на претседателското столче на Врховниот суд во 2017 година. Тој беше разрешен од оваа функција по една година, бидејќи, злоупотребувајќи ја својата должност, му помогнал на тогаш обвинетиот Сеад Кочан, кој беше во бегство, да биде ослободен од притвор.
Вангеловски е сопственик на четири стана во Скопје, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште. Во гаражата на семејството Вангеловски има „Мерцедес Е 300“, „Лексус“, „Тојота“ и „Крајслер“. Според неговиот анкетен лист од 2017, тој е љубител на уметнички слики, злато и сребро и обожава да носи часовници од марката „Картие“. Вангеловски за Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) вели дека со пријавувањето на анкетниот лист при стапувањето и завршувањето на неговата функција ја исполнил својата обврска. Тој веќе нема поврзаност со правосудството и не открива со што се занимава.
„Работам тоа што сметам дека треба да работам“- вели Вангеловски.
Александра Зафироска – соработничка на премиерот во изборот на судии
Александра Зафироска, меѓу судиите позната како Сашка, во 2011 година беше избрана за претседател на Судскиот совет. Според извештајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Зафировска во својата работа била во координација со извршната власт. Во „бомбите“ објавени во 2015 година, јавноста можеше да слушне како претседателката на Судскиот совет му испраќа абер на екс-премиерот Никола Груевски дека ќе распише оглас за двајца судии во Апелација, бидејќи се договориле да го извести. Зафировска го напушта советот дури во 2018 година. Денеска таа носи пресуди во името на граѓаните во Основниот суд Тетово. Моменталниот анкетен лист на ДКСК на Зафироска е скромен.
Светлана Костова – УБК судијка
Светлана Костова од 2005 година работи на позиција началник на Секторот за менаџмент и едукација во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Во „бомбите“ можеше да се чуе дека во 2011 нејзиниот директор Сашо Мијалков ѝ нуди судска функција, а таа вели дека ќе му биде вечно благодарна. Костова му помагаше на Мијалков да ги обезбеди и испрати парите со кои требаше да се плати скапоцената опрема за прислушување од Израел. Според СЈО, Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во УБК. Тоа го доведува во прашање нејзиниот интегритет и институционалната независност која треба да ја има секој судија. Таа сега суди во Управниот суд. Костова во Антикорупциска комисија има пријавено еден стан, автомобил и два кредита.
Владимир Панчески – Предмети на рака кај одбрани судии
Владимир Панчески е избран за претседател на скопскиот Кривичен суд во 2012 година. Тој е еден од побогатите судии во земјава. Сопственик е на пет 100-квадратни станови во Скопје, две куќи и две градежни земјишта. Неговиот возен парк го сочинуваат автомобил „БМВ“ и скутер „Пјаџо“.Тој е разрешен од функцијата во 2019 година. Панчески е осуден на 3,5 години затвор затоа што го занемарувал системот за електронска распределба АКМИС, а судските предмети ги делел на рака кај одредени судии.
Софија Лаличиќ – Избрана за судијка на 28 години
Лаличиќ ја добива среќната вест дека ќе биде дел од судскиот еснаф едно снежно охридско утро во 2012 година. Екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков лично ја информира за напредокот во нејзината кариера. Пред да стане судија во Кривичниот суд Скопје 1, Лаличиќ две години работела како портпарол во канцеларијата за односи со јавност додека претседателка била Лидија Неделкова. Таа е најмладата судијка, избрана на 28 години. Финансиската полиција не нашла ништо спорно во нејзиниот имот. Оваа судијка сè уште суди кривични предмети во Кривичниот суд Скопје 1. Само за неа е завршена финансиската истрага и не е најдено ништо спорно. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска се сомнева дека нејзиниот случај е класична трговија со влијание, зашто во „бомбите“, се открива дека Мијалков директно влијаел за таа да биде избрана за судијка.
Да не се коле вол за шницла
Пред доаѓањето на власт, премиерот Зоран Заев во 2016 година ветуваше генерален реизбор во судството. Истото ветување го повтори и по доаѓањето на власт. Потоа власта ветуваше ветинг, но се пишмани во страв дека земјава може да остане без судии.
Во вториот извештај на експертската група на Рајнхард Прибе од 2017 година, се наведува дека „не се препорачува општ реизбор на сите судии, бидејќи судиската злоупотреба во никој случај не е генерална“.
„Ова малцинство на политички подложни судии треба да биде предмет на ефективни професионални и етички правила и, кога постојат докази за докажување на кривичната одговорност, треба да бидат кривично одговорни за нивното недолично однесување“, се наведува во извештајот.
Тие се противат на генерален реизбор, бидејќи некои функционери во новата Влада може да бидат во искушение „да ги заменат судиите кои вршеле злоупотреба со други кои се подготвени да работат за нив на сличен неприфатлив начин“.
Експертската група на Прибе беше формирана за да ги изготви итните реформски приоритети кои требаше да доведат до излез од политичката криза во 2015 година.
По неисполнетите ветувања за реизбор и ветинг, власта пред неколку дена најави дека во финална фаза е проектот за прочистување во правосудството.
Според Малиновски, ветингот е само предизборна парола. Тој го гледа решението во координација на работата помеѓу ДКСК и Судскиот совет.
„Антикорупциска треба да го испитува потеклото на имотот на судиите, а Судскиот совет квалитетот на нивните одлуки“, вели тој.
Претседателката на Транспаренси интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева вели ДКСК работи со интегритет, но не може истото да го каже и за Судскиот совет. Според неа, политичката волја за решавањето на овој проблем е сè уште декларативна, а не е вистинска и реална.
„Знаеме како да го направиме тоа, можеме да го направиме, но очигледно не сакаме доволно“, заклучува Тасева.
На 18 декември годинава, Судскиот совет ги усвои методологиите за оценувањето на работата на судиите и на претседателите на судовите. Три дена потоа, премиерот Зоран Заев ги промовираше 10-те приоритети на Владата наречени „Акција 21“, а прочистувањето на судството беше прво на листата. Тој изјави дека проектот е во завршна фаза, а на него работеле претставници од Судскиот совет, Советот на јавни обвинители со поддршка на академската јавност. Тие самите ќе го усвојат моделот кој го креираат и кој ќе треба да го спроведуваат.
„Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии“, рече Заев.
Тој рече дека изминатата година Судскиот совет разрешил осум судии, а за уште 83 се водат постапки.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, пак, неодамна соопшти дека кај тројца судии откриле зголемување на имотот кое не соодветствува со нивните месечни примања. Овие случаи, исто така, ќе бидат предадени кај Финансиската полиција за понатамошно спроведување на истрагата.
Ветингот во Албанија го парализира судскиот систем
Пред три години Албанија започна ветинг во правосудството, кој ја остави земјата речиси без судски систем. Независното тело ги проверуваше судиите и обвинителите по три критериуми: нивните приходи, врските со моќните организирани криминални групи и нивното професионално и етичко однесување во минатото. Врховниот суд во земјата остана без 15 од 17 судии. По три години, пред неколку дена Албанија доби и Уставен суд откако седум од девет судии не го поминаа ветингот. Многумина судии и обвинители сами си заминаа од функциите за да избегнат проверка.
Малиновски вели дека е опасно ако на судиите „им лепат прстите“, но уште пострашно е да нема никакви судии и системот да застане