27.01.2021 Документ за јавна политика “Зајакнување на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители во контекстот на политиките за борба против корупцијата” од авторите: Натали Петровска, Емилија Спасовска и Лепосава Огњаноска се осврнува на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители во контекст на политиките за борба против корупцијата, како единствена точка преку која се одвива „влезот“ на кадри во судството и јавното обвинителство. Преку анализирање на позицијата на Академијата во правно-институционалниот контекст, но и остварувањето на дадената улогa, се даваат конкретни препораки за зајакнување и унапредување на нејзината работа.
Академијата за судии и јавни обвинители е круцијална алка во интегралниот процес на избор на идни судии и јавни обвинители и има значајна улога за регрутација и обезбедување на стручни, професионални и со интегритет кадри за потребите на судовите и јавните обвинителства. Нејзината работа се одвива во правно-институционалниот контекст на македонскиот правосуден систем чија цел е воведување на систем на селекција и унапредување на судии и јавни обвинители врз основа на принципот на заслуги и квалитет, чијшто дел се и независните тела како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Реформите во правосудниот систем не би биле одржливи без соодветно подготвени професионални кадри. Законската поставеност на Академијата за судии и јавни обвинители гарантира нејзина независност од извршната власт, но од друга страна пак во составот на нејзините органи е видно влијанието на главните чинители во правосудниот систем.
Овој документ е подготвен во рамките на проектот: „Јакнење на капацитетите на институциите во борбата против корупцијата“. Проектот е поддржан од УСАИД преку Проектот за граѓанско учество.