Укажувачите Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовскикои го открија масовното прислушување во Македонија, ја примија награда „Мето Јовановски“, за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
-Овие долгогодишни службеници во МВР и двајцата врвни професионалци и наградувани за проекти поврзани со националната безбедност откако дошле до сознанија за масовно кршење на човековите права со незаконско прислушкување во 2010 година започнале со обезбедување докази за нелегалните активности.
И покрај опасноста и можните реперкусии врз нивниот живот тие решаваат да станат укажувачи да овој голем криминал со кој брутално се прекршуваат човековите права.
Поради оваа активност Лазаревски и Костовски беа цел на оркестрирани напади, заплашувања кон нив и нивните семејства, а поминаа и период во затвор, порача денеска претседателката на одборот за доделување на наградата Уранија Пировска на доделувањето на наградата на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за култура Ирена Стефоска, пратеници, професории.
Според неа, нивната лична жртва и одважност да се спротивстават на овие операции насочени против граѓаните претставуваат висок морален чин.
Ѓорѓи Лазаревски кој веќе е пензионер се присети на делото што го направиле и рече дека е сугурен дека никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници наши граѓани.
-Пред точно 11 години ние решивме да го сториме тоа што сметавме дека е единствено исправно во дадените околности. Бевме сосема свесни за ризиците, а за награди и признанија ниту помисливме ниту ни беа битни.
Но, денес сме горди што токму ние сме добитници на највисокото признание за остварување во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Горди што за се што лично поминавме не беше залудно и што со нашите активности помогнавме да се случат повеќе позитивни општествени промени.
Сигурни сме дека во нашата татковина никогаш повеќе нема да се повтори масовно прекршување на правата на илјадници граѓани, истакна Лазаревски.
Наградата, рече тој, ќе ја посветат на нивните семејства и на сите луѓе кои со храброст, труд, стручност и посветеност искрено се борат за остварување и заштита на човековите права, се борат за правда и владеење на правото.
Во 2018 година Лазаревски и Костовски ја добија наградата за слобода на говор за извонредна храброст и хероизам во алармирањето на граѓаните на Македонија за широкото распространето кршење на човековите права која ја доделува Коалицијата за заштита на укажувачи на ЈИЕ и од Европскиот центар за права на укажувачите.