На ден 17.06.2022 беше одржана јавна дебата на тема: Дискреционите овластувања при донесување на подзаконски акти како ризик од корупција во урбанистичкото планирање, организирана од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Збор на оваа дебата земаа: г-ѓа Билјана Ивановска, Претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, г-дин Благој Бочварски, Министер за траснспорт и врски, г-ѓа Андријана Андреева, Директорка на Агенцијата за планирање на просторот, г-ѓа Слаѓана Тасева, Претседателка на Транспаренси Интернешнл- Македонија и г-дин Мишко Ралев, Претседател на Асоцијација на архитекти. Збор во дискусијата земаа и претставници на други засегнати институции и организации.
На оваа дебата беше дискутиран Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за урбанистичко планирање донесен на 28 април, со кој помеѓу останатото се утврдува правото во подрачја за кои има податоци за планирање и градење при одредување на максималните вредности на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето утврдени во важечките урбанистички планови односно што биле утврдени во претходните планови, затоа што се работи за „претходно стекнати права со урбанистички план“, гледан преку призмата на дискреционите права.
Настанот предизвика интерес кај голем број на засегнати страни и имаше одлична дебата во која беа коментирани вклученоста на сите засегнати страни во донесување на правната рамка која ја регулира оваа област, заштитата на правата на граѓаните, хуманизирање на просторот и останати работи кои се од голема важност да се воведе ред во урбанистичкото планирање и да се намалат ризиците од корупција во дадената област.