Платформата на граѓански организации за борба против корупција на 19-ти и 20-ти септември 2022 година одржа годишно Собрание на кое се усвои Стратегијата за работа на Платформата. Овој стратешки план се однесува за периодот од 2022 до 2025 година. Планот го опишува внатрешниот капацитет на Платформата, нејзината мисија и визија и дава насоки за приоритетите на работење на Платформата во предвидениот период. Оваа стратегија предвидува зајакнување на позицијата на невладини чинители во борбата против корупцијата, зајакнување на соработката со државата, институциите и општините и креирање на критична јавност која активно се залага за транспарентност, одговорност и интегритет во Република Северна Македонија.
На ова Собрание членките имаа можност и да продискутираат за тековните случувања во државата и акции и чекори кои треба да се преземат во одредени области каде има ризик од корупција. Членките разменија информации за своите активности и искуства кои Платформата може да ги искористи за подобрување на нејзината работа и зајакнување на нејзината улога во антикорупциските процеси во Македонија.
* Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата е основана на 9 декември 2014 година во Скопје како неформална мрежа. Во моментов брои 17 членки. Платформата, преку заеднички реакции, тежнее да биде коректив на состојбите, а соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис заедницата и меѓународната заедница. Ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, иницира јавна дебата за квалитетот на законите и законски измени каде што е потребно.