Транспаренси Интернешнл Македонија во рамки на проектот „Застапување на имплементација на законодавство за укажувачите во Република Северна Македонија“ на 7 октомври 2022 организираше работилница на тема „Улогата на лицата одговорни за внатрешно пријавување за ефикасна имплементација на Законот за заштита на укажувачи“. Говорници на оваа работилница беа г-ѓа Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл Македонија, г-ѓа Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција и г-ѓа Ирена Поповска, овластено лице за внатрешно и надворешно пријавување во Државната комисија за спречување на корупцијата.
Иако повеќе од институциите имаат воспоставено систем на заштитено внатрешно пријавување, не ја исполниле обврската за доставување извештај до Државната комисија за спречување на корупција од причина што немаат примени пријави од укажувачи, покажуваат искуствата од имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите кои беа презентирани на денешната работилница на Транспаренси Интернешнл и ДКСК. Анализата на примените полугодишни извештаи покажува дека има мало подобрување во примената на Законот за заштита на укажувачите во однос на заштитено внатрешно пријавување. Поднесените пријави преку каналот на внатрешно пријавување кој е воспоставен во институциите, покажува дека граѓаните се охрабруваат да ја користат оваа можност за пријавување на сомневање/сознание за незаконитости или неправилности во работењето на институциите.
Претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева, укажа на недостатокот на систем што ќе обезбеди поддршка за укажувачите и лицата кои ги примаат пријавите. – Имаме закон, но немаме систем за заштита на укажувачите. Само еден случај имаме идентификувано од почеток до крај. Мораме да видиме во што е проблемот, зошто е тоа така, треба ли да се вклучи инспекција или поголеми санкции, дали е одговорот во дополнување на законот, мислам не, рече Тасева, која порача дека треба подобра организација. Според Билјана Ивановска, претседателка на Државна комисија за спречување на корупција, законот заживува и охрабрува фактот дека, како што рече, гледаме сѐ поголем број луѓе кои се присутни за вмрежување на системот на заштита. – Факт е дека треба охрабрување на луѓето, да бидат сигурни дека се безбедни и нема да сносат последици, тоа се основните причини да се охрабрат да пријавуваат, рече таа. Ивановска информираше дека од минатата година е развиен софтвер кој овозможува укажувачите да пријават неправилности оставајќи го својот ИД број без никакво откривање на нивната личност.