Санкциите од надвор ќе имаат ефект кога ќе бидат потврдени од домашните институции со завршени судски процеси, изјави за Гласот на Америка генералниот секретар на „Транспаренси интернешнл Македонија“ Методи Зајков, неколку дена откако во Скопје пристигна тим од САД поагресивно да ја истражува корупцијата.
Зајков, кој деновиве е во Вашингтон на меѓународната конференција за борба против корупцијата, вели дека „Транспаренси интернешнл Македонија“ е отворена за соработка со тимот за санкции од САД.
Одговарајќи на прашањето дали верува оти санкциите ќе ги исплашат корумпираните, со оглед на фактот што САД и досега воведувале санкции, а проблемот со корупцијата и натаму постои, Зајков рече:
„Проблемот на неказнивост на корумпираните се провлекува во последните 30 години, за кој проблем треба секоја влада да има политичка волја да го решава за своите функционери, а не само за претставници на опозиција“.
Според него, испраќањето експерти од САД ќе ги забрза процесите за борба против корупцијата во институциите каде тие не се одвиваат на ефикасен начин.
„Соработката на Транспаренси Интернешнл-Македонија и Државната комисија за спречување на корупција е на одлично ниво, и од истата соработка препораките кои се дадени повеќето институции ги имплементираат и се следи нивниот напредок“, рече тој.
Зајков истакна дека на конференцијата биле организирани повеќе сесии од страна на Стејт департментот, на кои имало претставници од разни институции, кои презентирале антикорупциски алатки за санкции и виза рестрикции за корумпирани лица.
Тој рече дека биле остварени и повеќе средби со претставници на невладини организации и донатори од Америка „кои ќе помагнат во идниот период во борбата против корупцијата во Македонија“.
Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер во вторникот изјави дека тим за санкции од Вашингтон дошол во државата да преземе поагресивен пристап кон поранешни и сегашни корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки.
Таа рече дека „на правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“.
Милена Ѓорѓиевска, Гласот на Америка