Транспаренси Интернешнл- Македонија во 2016 година го подготви извештајот: „Националниот систем за интегритет на Македонија”, кој содржи анализа на состојбата со столбовите на интегритет на Македонија во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата. Во рамките на овој извештај е направена анализа и е дадена оценка за 15 столбови, кои се дел од државното уредување на земјата. Оценката се оформува според методологија подготвена од страна на Секретаријатот на Транспаренси Интернешнл. Во рамките на овој извештај беше анализирана и работата и условите за работа на граѓанскиот сектор.
Во извештајот беа дадени препораки за унапредување и подобрување на работата во овој сектор. ТИ-М подготвува нов извештај кој треба да биде објавен во текот на октомври 2023. За потребите на овој извештај беше анализирана и исполнетоста на препораките.
П1: Владата треба да ги подобри и да ги направи транспарентни постапките за консултации во врска со политиките со групите граѓански организации
Согласно Извештајот за овозможувачката околина за 2021 година правната рамка јасно ги дефинира стандардите за вклученост на ГО во сите процеси на креирање политики. Различни документи обезбедуваат основа за вклучување на граѓанските организации во креирањето политики и подготовката на законодавството на ниво на Влада и на ниво на Собранието.
П2: Владата треба да ги финансира активностите на ГО преку транспарентен и партиципативен процес, ослободен од несоодветно влијание
Јавното финансирање останува да биде едно од најголемите прашања на граѓанските организации поврзано со државната поддршка. Правната рамка во однос на јавното финансирање на ГО не беше значително подобрена во текот на годините. Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи.
П3: Граѓанските организации треба да се саморегулираат и да изготват Кодекс на етика за ГО
Кодексот на етика на иницијатива на МЦМС е изготвен и веќе се имплементира помеѓу граѓанските организации. До сега, 51 граѓанска организација веќе се потпишаа и го имплементираат овој Кодекс.
П4: Владата треба да воведе даночни олеснувања за ГО
Законот за данок на додадена вредност (ДДВ) беше изменет во 2019 година и стана поповолен за ГО и овој позитивен пристап најмногу го користат граѓанските организации.
Исполнетост на препораки: 75%
Транспаренси Интернешнл Македонија
Оваа активност е подготвена од Транспаренси Интернешнл – Македонија со поддршка на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, поддржан од Европската Унија. Мислењата изразени во овој документ не ги изразуваат ставовите на Европската Унија.