БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец Август 2023 година
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
===============================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2023 година
Ќе има ли „будење“ на Јустиција
(Не)испорачана правда: Кој е виновен за пожарот во Тетово?
ИРЛ објави документарен филм со нови документи за пожарот во модуларната болница каде загинаа 14 лица, во кој се вели дека не е испорачана правдата. Обвинителството, пак, тврди дека се „манипулира со информации.“
„Фрли рипче, за да фатиш крапче“
Афера „Донатор“: ДКСК го чешла ДУИ – Обвинителството молчи
Правосудните органи молчат, а политичката партија ДУИ се однесува комотно. Ваква е оценката на политичките аналитичари по последниот случај во кој партијата се поврзува со фаворизирање на фирма, која претходно донирала пари за партијата, за добивање на милионски тендер од државата. Ова не е прв случај на фаворизирање на поврзани компании и лица во државно тендери, но досега институциите не покажаа интерес да испитаат дали постои коруптивно однесување.
Активностите на ДКСК во фокусот ова лето
ДКСК утврди сомнежи за несовесно работење и поткуп за ДУП-от во Карпош за бензинската станица на „Пуцко петрол“
Антикорупциската комисија ќе достави и иницијатива до ОJOГОКК против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на Деталниот урбанистички план за градска четврт во општина Карпош, од неговото прво усвојување, до неговото укинување по втор пат од Уставниот суд.
ДКСК укажува: Нема надзор во спроведувањето на законите, управувањето со државниот имот е корумпирно
Надзорот во спроведувањето на законите не е системски уреден, а тоа во пракса доведува до неефикасно и недоследно спроведување на законите. Неопходно е да се ревидира организацијата и функционирањето на инспекциските служби, како и на останатите видови надзор, контрола и супервизија за да се гарантира доследно спроведување на законите, беше соопшено од ДКСК.
Иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Вевчани и за лице кое четири пати по ред било именувано за в.д. директор на општинско јавно претпријатие
ДКСК одлучи да поднесе иницијатива до ОЈО Струга за поведување кривична постапка за злоупотреба на службената положба кон градоначалникот на општина Вевчани и за несовесно работење во службата за лице кое прифатило четири пати по ред да биде назначено за вршител на должност директор во локалното јавно претпријатие.
ДКСК: За заменик директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации наместо правник избран новинар со диплома од Тирана
Од ДКСК информираа дека постапувајќи по пријава од непознат подносител, утврдиле дека назначениот заменик директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер не ги исполнува условите од конкурсот за заменик-директор, а сепак кандидатурата е подготвена и истиот е избран од Собранието на Македонија, откако неговиот избор поминал низ собраниската Комисија за прашања на избори и именувања.
Драмата „Правда-Судски совет“ продолжува
Правда: Не смее да се создаде незаконита пракса, судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, повторно да може да полага
Министерот за правда Кренар Лога испрати писмен допис до Судскиот совет на РСМ во кој се бара советот да постапи согласно законските надлежности во врска со мислењето дадено од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања-Скопје, за судијата Снежана Манев повторно да има право да полага психолошки тест за личност и тест за интегритет.
Пропусти на Судскиот совет, констатираше Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите, соопшти Министерството за правда
„Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС во судовите при извршениот надзор во четири основни судови во државата,Берово, Крушево, Кратово и Кумановопри што ги констатирала повеќе нерегуларности, меѓу кои:
-Нецелосно почитување на законските одредби за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС;
-Неконтинуирано архивирање на предмети и немање соодветен архивски простор, се чуваат во подруми;
-Нераспишување на огласи за вработување и унапредувања и покрај добиената согласност од страна на поранешни претседатели и слично.
Системот на електронска распределба на судските предмети е воведен со цел да се избегне рачно делење на предметите кое претставува можност за надворешно влијание и ризик од коруптивно однесување.
Судскиот совет 16 месеци нема заклучок дали има одговорни судии за конфискацијата на Сеад Кочан
Судскиот совет и по 16 месеци постапување не изготвил единствен извештај за работните посети што ги правеле членови на Советот во четири судови и да донесат заклучок дали има одговорност кај некој од судиите кои постапуваа за проблематичната конфискација на имотот на осудениот бизнисмен Сеад Кочан во случајот „Трансмет“.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2023 година
Платформата за борба против корупција побара оставка од Републичкиот јавен обвинител Јовески поради нецелосната истрага за тетовската модуларна болница
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со прес конференција одржана пред Јавното обвинителство побара оставка од Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, поради недоследности во постапувањето на јавното обвинителство во врска со пожарот во тетовската модуларна болница каде 14 лица го загубија својот живот.
Обвинителство истражува повеќе лица за кражба и поткуп на скапи лекови на скопска Онкологија
„Во Основното јавно обвинителство Скопје има предмети кои се однесуваат на конкретни лица осомничени за кражба и поткуп за примање терапија на Клиниката за онкологија. Еден од тие предмети е во судска постапка по поднесено обвинение, а по останатите се постапува. Јавното обвинителство ги анализира извештаите на Државниот завод за ревизија, но и написите на медиумите на оваа тема. Доколку се констатираат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи и ќе ги испита наводите“, се наведува во одговорот од ОЈО.
Активностите на Министерството за внатрешни работи продолжуваат и во текот на месец Август 2023 година. Со зголемената реализација на МВР граѓаните се охрабруваат да пријават случаи на барање и примање поткуп и други дејствија на коруптивно однесување.
Кривична пријава за директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ поради злоупотреба на службената положба
СВР Охрид поднесе кривична пријава против директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ поради основано сомнение дека сторил кривични дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.Во периодот од 2022 година досега, во својство на директор на ЈУЦК „Григор Прличев“, без одлука на управниот одбор на установата, без уредна покана и спротивно на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство на органите на управата, во повеќе наврати за приватни потреби патувал надвор од РСМ, со што нанел штета на установата во износ од 104.200 денари, се вели во соопштенито на МВР.
Приведен странец кој поминал на црвено светло, па се обидел да поткупи полицајци
МВР извести дека полициски службеници од ПС Кисела Вода го привеле 60-годишниот Б.Е.Г. од Петрич, Република Бугарија поради сторено кривично дело „давање поткуп“.
На автопат уапсен грчки државјанин поради поткуп од пет евра на полицајци
На 01.08.2023 во 21.00 часот на автопатот Демир Капија-Неготино од полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово бил лишен од слобода Л.В.(21) од Р.Грција, кој при вршење на контрола на документите што ги дал на увид, ставил банкнота од пет евра како поткуп.
Barometar_na_korupcija_Avgust_2023
Овој документ е подготвен од Транспаренси Интернешнл – Македонија со поддршка на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, поддржан од Европската Унија. Мислењата изразени во овој документ не ги изразуваат ставовите на Европската Унија.