Според член 253 од Законот за кривична постапка посебните истражни мерки може да се определат кога има основи на сомневање за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку 4 години.
„Сожалување за виновните е предавство на невините“, „Златното око на правдата гледа и го бара неправедниот човек“… Ова се дел од цитатите што се вртат на веб-страницата на Министерството за правда, додека од ресорот се штанцаат измени и предлози на закони кои не одат во насока на посочените цитати. По предлогот на Закон за амнестија кој е доставен до Собранието, вчера до Владата беше доставен предлог на Законот за помилување. Двата нови предлога, заедно со веќе усвоените контроверзни измени на Кривичниот законик во политичките кулоари веќе се толкуваат како „заокружен пакет“ не со правни, туку со политички цели и намери.
Во меѓувреме предлозите за амнестија и помилување веќе играат и друга улога – ги фрлаат во заборав неодамнешните измени на Кривичниот законик, кои според правни експерти и антикорупционерите, ќе предизвикаат големи последици: ќе ја намалат и онака ниската доверба во правосудстството и ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.
Од власта повторуваат дека измената на членот 353 (Злоупотреба на службената положба) ќе води кон побрзи и поефикасни резултати.
„Тоа решение не даваше резултат“, изјави вчера шефот на диполоматијата, Бујар Османи, на ТВ Телма.
„Како може да се фиксираме за решение кое очигледно беше причина за неуспехот на борбата против корупцијата, посебно онаа што се нарекува на ‘белите јаки’. Дајте да дадеме шанса за ова и потоа да ги споредиме (…) Ако вие не сте задоволни од владеењето на правото во услови на едно такво решение, како може промената на тоа статус кво да биде полоша? Веројатно некој мислел дека со пофлексибилно решение со кое се даваат пократки рокови за да ги притиска судиите да носат решенија, и да се става фокус на конфискацијата на имот, ќе имаме повеќе резултати (…) Сега сигурни бевме дека немаше резултати од тоа законско решение чл. 353, кое што беше намерно ставено за да се контролираат политичките противници“, рече Османи.
Потребно е време за обезбедување докази
Антикорупционерите не се уверени дека со овие измени постапките ќе бидат побрзи и поефикасни.
„Со новите измени на Кривичниот законик значително се намалува можноста за ефикасно сузбивање на корупцијата и организираниот криминал“, вели за ДВ Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ-М).
Таа укажува дека треба да се има предвид прикриеноста на организираниот криминал, долготрајноста на постапките за докажување во истрага и на судските постапки, почнувајќи од време на дознавање за извршеното кривично дело до целосно обезбедување на доказите, кои најчесто се изразени во финансиски или други добра и многу често треба да бидат обезбедени преку каналите за меѓународна правна помош.
„Во изминативе години сме сведоци и на користење на сите правно дозволени средства за одолговлекување на судските постапки во кои треба да се добие правосилна судска пресуда. Тврдењата дека е неопходно забрзување на судските постапки се неиздржани кога се имаат во предвид долготрајноста на сите дејствија за обезбедување на доказите, како кај нас, така и во меѓународната практика. Исто така, тврдењата дека запретените долготрајни казни се неприменливи и не ја обезбедуваат функцијата на кривично-правна заштита на интересите на граѓаните и на државата, се спротивни на фактот дека за новововеденото кривично дело ‘Екоцид’ е предвидена казна затвор од затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор”, укажува Тасева.
Како што е познато, со Законот за измени и дополнување на КЗ, целосно е изменет членот 353 Злоупотреба на службената положба и овластување и практично се воведени поблаги казни. Се укина и ставот 5 од 353 во кој беше предвиден повисок степен на вина со сторување на делото при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија. Реално, со овој член се опфатени најголемиот број на големи предмети во ОЈО ГОКК. Оттука првиот навестен резултат е – пропаѓање на 40 активни постапки во Обвинителството за злоупотреби на јавните набавки, отворени само во 2022 година.
Со измени на членот 394, ст. 1 за Злосторничкото здружување, каде максималната казна од 10 се намали на три години, со самото тоа се намали и застареноста на овие дела.
Ќе влијае врз примената на ПИМ
Освен што со висината на казната за кривичните дела се намалува и должината на нивното застарување, од висината на предвидената казна зависи и примената на посебните истражни мерки (ПИМ).
„Дополнително, ова ќе ги намали и можностите за примена на посебни истражни мерки, затоа што според членот 253 од Законот за кривична постапка, посебните истражни мерки може да се определат, кога постојат основи на сомневање: 1) за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години, а се подготвуваат, во тек е извршување или се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение или за листа на наведени кривични дела или за кривични дела таксативно наведени во ставот 2 на овој член“, посочува претседателката на ТИ-М.
Сите овие законски измени ќе имаат влијание и на намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност, односно лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат можност да избегнат кривична одговорност.
„Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела. Исто така, треба да се напомене дека измените на Кривичниот законик доаѓаат во период кога кон Република Северна Македонија се засилени укажувањата од ЕУ дека е неопходно да се надмине проблемот со неказнивоста и неефикасната и неуспешна борба против корупцијата и отсуство на владеење на правото“, вели Тасева.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе има одгoворност за почочените измени.
„Попусти им се гимнастиките со измените во Кривичниот законик, јас ви гарантирам дека одговорност ќе има за сето она кое беше направено”, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ на средба со граѓаните во Охридско.