Во рамките на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција„, ТИ- Македонија подготви извештај за достапноста на податоците за политички интегритет во Македонија. Во овој извештај се разгледувани девет податочни сетови, спроведени од ТИ-Македонија, вклучувајќи: состаноци за лобирање, имот и интереси на јавни функционери, именици на јавни функционери, владин буџет и трошоци, јавни набавки, политичко финансирање, евиденција за гласање и доделени концесии за ископување на минерални добра. Овие податочни сетови беа идентификувани како критични алатки за обезбедување на транспарентност, откривање на политичката корупција и развивање на индикатори за ризик за политички интегритет.
Од спроведената анализа можеме да заклучиме дека транспарентноста е на задоволително ниво. Законот за пристап до информации од јавен карактер добро се спроведува, а институциите се отворени за соработка, но сепак има институции, агенции и државни претпријатија на кои им недостига транспарентност и на нивните веб-страници нема податоци. Затоа, потребно е да се работи повеќе за да се креираат податочни сетови и бази на податоци кои ќе содржат податоци кои се поструктурирани, полесни за истражување и анализа и редовно се ажурираат.
Врз основа на направената анализа беше констатирана потребата за развивање на податочни сетови за политичкото финансирање, јавните набавки и доделените концесии за ископување на минерални добра. Прво, поради ризиците од несоодветно влијание на сопствените интереси врз донесувањето закони и врз распределбата на јавните средства, од суштинско значење е да се има база на податоци за политичко финансирање со јасен преглед на донаторите, примателите, износите на државното финансирање итн. Второ, лесен преглед на огласите за јавни набавки и доделените договори објавени од релевантните институции (министерства и општини), како и анализата на промените во финансиската состојба на политички поврзаните компании по промената на власта овозможува јасна слика за потенцијалното фаворизирање на политички поврзаните компании во распределбата на јавните ресурси. Конечно, доделените концесии за ископување на минерални добра имаат јасна релевантност поради економските и еколошките последици од овие одлуки.
Преглед на податоците за политичкиот интегритет во С. Македонија