Кривичното дело трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и понатаму е недоволно детектирано, што од друга страна ги лишува жртвите од заштита на нивните права согласно Конвенција на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе. Меѓуинституционалната соработка на чинителите во борбата против трговија со луѓе е од суштинско значење за ефективно откривање на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и за проактивно идентификување и заштита на жртвите на ова кривично дело.
Од 19 до 21 февруари 2024 , во Струмица, како дел од заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ беше спроведена мултидисциплинарна обука за трудови инспектори и други релевантни чинители.
Во овие рамки, триесетина чинители од полето на борба против трговија со луѓе ги зајакнаа своите капацитети за откривање и истражување на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација.
На третиот ден од обуката, претседателот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, г-дин Благоја Пандовски одржа сесија за интегритет наменета за трудови инспектори, полицајци, социјални работници и претставници од НВО. Г-дин Пандовски го презентираше концептот на интегритет и неговите принципи, вклучувајќи ја и етиката, приспособена на контекстот на трговија со луѓе за трудова експлоатација. Дополнително, тој ги објасни методите на самоевалуација кои можат да им помогнат на поединците да го проценат нивното ниво на интегритет и да ги идентификуваат областите за подобрување.
За време на своето излагање, г-дин Пандовски ја истакна важноста на интегритетот и последиците од недостаток на интегритет. Беше спроведена и интерактивна сесија со присутните засегнати чинителни на која се дискутираше за начините за подобрување на состојбата.
Г-дин Пандовски исто така ги презентираше и наодите од новото истражување на Транспаренси Интернешнл-Македонија – Национален систем за интегритет, кое е достапно на следниот линк https://transparency.mk/wp-content/uploads/2024/01/national.integrity.system.assessment.2023-4.pdf
Беа презентирани и дискутирани добри практики од Финска во однос на улогата на трудовите инспектори и мулти-дисциплинарната соработка во борбата против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација.
„Соработката меѓу трудовите инспектори и полицијата е од клучно значење за собирање оперативни информации и градење на случај за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација. Да се биде грижлив кон жртвите и да се заштитуваат нивните права е подеднакво важно, ако не и далеку поважно, во овој вид на случаи. Во Финска се имаме успешно справено со повеќе случаи на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација во кои биле вмешани странски државјани, кои живееле во ужасни услови и биле платени или многу малку, или воопшто не биле платени.“ –сподели со учесниците Катја-Пиа Јену, Трудов инспектор од Финска, која во голема мера придонесе за градење на капацитетите на трудовите инспектори во Северна Македонија на темата трудова експлоатација.