Претставник на Транспаренси Интернешнл-Македонија, г-ца Марија Сунчевска учествуваше на конференцијата: „Регионална размена за зајакнување на системите и практиките за финансирање на кампањи“ организирана од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) одржана во Варшава на 21 и 22 февруари 2024 година. На конференциите беа презентирани различни перспективи и добри практики во регулирањето на финансирањето на политичките партии и финансирањето на кампањите. Експерти од Западен Балкан и пошироко споделија информации за домашната правна регулатива и нејзината примена во пракса.
Конференцијата се состоеше од пет сесии. Првата сесија беше поврзана со меѓународната рамка за регулирање на финансирањето на кампањите и предизвиците низ Западен Балкан поврзани со ова прашање. Целта на сесијата беше да се мапираат релевантните стандарди, принципи и добри практики кои се однесуваат на финансирањето на изборните кампањи и нивниот надзор, вклучително и во однос на недоволно застапените групи.
Втората сесија ги опфати практиките поврзани со ограничувањата на придонесите и расходите. За време на оваа сесија беа дискутирани регулаторните предизвици поврзани со проширувањето на изворите од кои се финанисраат политичките партии и кампањите, вклучително и онлајн кампањите. Беше опфатено управувањето со ограничувањата, динамиката на финансирање од трета страна и од странство.
Третата сесија беше за обелоденување и известување за финансирањето на кампањата: компаративни искуства и дигитални решенија.
На четвртата сесија беше опфатен надзорот над финансирањето на кампањата. Целта на сесијата беше да се истражат и осмислат практични, колаборативни и ефективни стратегии насочени кон обезбедување силен надзор на финансирањето на кампањата, особено во контекст на ограничувањата на ресурсите.
На завршната сесија говорниците ги презентираа предвидените санкции поврзани со финансирањето на кампањите во нивните земји.