Овој документ е подготвен во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Извршно резиме:
Дезинформациите се присутни во секој тип на комуникација помеѓу луѓето и се шират преку сите извори на информирање кои тие ги употребуваат. Секојдневната изложеност на невистинити информации може да доведе до заблуда, а тие претставуваат и ризик за државата. Особено плоден временски период за ширење на дезинформации се изборните процеси, почнувајќи од изборните кампањи, па се до објавувањето на резултатите од изборите. Затоа е неопходно медиумите да бидат внимателни со информациите што ги споделуваат, да ја проверуваат нивната вистинитост, како и нивните извори. Дополнително, оваа обврска е значајна и за онлајн медиумите бидејќи во 21 век, тие претставуваат се почесто употребуван извор на информирање глобално, но и од страна на македонските граѓани. Со оглед на тоа што онлајн медиумите не се законски регулирани во Република Северна Македонија, воспоставени се механизми за медиумска саморегулација. Еден од нив е и Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми, кој беше објавен во октомври 2023 година. Неговата примена за прв пат ќе биде тестирана годинава, на претседателските и парламентарните избори кон крајот на април и почетокот на мај.
Автор: Беба Жагар
За содржината на овој документ одговара авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Документ за јавни политики: (Дез)информации во онлајн просторот во предизборниот период