Овој документ е подготвен во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Извршно резиме:
Граѓаните во 2023 г. како и во 2021 г. корупцијата ја гледаат како најголем општествен проблем. За забележување е фактот дека 63,5% од испитаниците значително повеќе од 46,1% во 2021 г., ја рангираат корупцијата како најголем проблем меѓу понудените опции. За ваквата ситуација, според граѓаните “виновни” се постоењето на морална криза во нашето општество, неефикасноста на судскиот систем во борбата против корупцијата, желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт и недоволната заштита на лицата кои пријавуваат корупција. Во ваков контекст, граѓанските организации стануваат клучни учесници во борбата против корупцијата и честопати играат главна улога во промовирање на транспарентноста, одговорноста и интегритетот во општество.
Иако правната рамка гарантира немешање на државата во внатрешните работи на асоцијации, фондации и други видови на непрофитни субјекти, сепак, се уште постојат различни видови притисоци врз граѓанските организации особено за оние кои работат на полето на добро владеење и антикорупција.
Во напорите за борба против корупцијата, ефикасна соработка меѓу граѓанските организации, владините институции и донаторите е од исклучителна важност. Преку поттикнување на поблиски партнерства и искористување на силните страни на секој од актерите, препораките дадени во документот имаат за цел да ги поттикнат засегнатите страни да спроведат влијателни антикорупциски мерки. Граѓанските организации застапуваат, подигаат свест и мониторираат, донаторите нудат суштински ресурси и поддршка, додека владата игра клучна улога во формулирањето и спроведувањето на политиките. Заедно, преку заеднички напори водени од транспарентност и одговорност, можат да постигнат значајни промени и да изградат систем поотпорен на корупција.
Автор: Наташа Димова
За содржината на овој документ одговара авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.