Платформата на граѓански организации за борба против корупција на 7-ми јуни во Струга одржа редовно годишно собрание на кое се дискутираа следните приоритети и активности на мрежата. Оваа седница на Собранието беше и изборна на која се избраа членови на Одборот на Платформата како и Секретаријат.
За членови на Одборот на Платформата беа избрани претставници од: Институтот за демократија „Социетас цивилис“- Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Центар за граѓански комуникации, Транспаренси Интернешнл-Македонија, Асоцијацијата за демократска иницијатива, Коалиција Сите за правично судење, Метаморфозис и Центар за истражување и креирање политики.
За Секретаријат на Платформата едногласно беше избран Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) кој ќе раководи со активностите на Платформата во наредните три години.
Платформата ја искажа својата благодарност на досегашниот Секретаријат, Институтот за демократија „Социетас цивилис“- Скопје кој во изминативе шест години беше посветен на координација на активностите и посветено работеше на унапредување на значењето на истата.
Новиот Секретаријат, МЦМС, се заложи дека во наредните три години посветено ќе работи на поттикнување и зајакнување на позицијата на невладините чинители (ГО, медиуми и бизнис заедница) како и на засилување на борбата против корупцијата преку соработка со институциите на централно ниво и локалната заедница. Фокусот на Платформата ќе продолжи да биде и креирање на критична јавност која активно се залага за транспарентност, отчетност, одговорност и интегритет.
*Овој состанок е одржан во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.