Тој износ низ годините постојано се зголемува преку законски измени што здружено ги гласаа сите политички партии. Со тоа, ако државата во 2015 година издвоила 2,5 милиони евра за редовно финансирање на партиите, тој износ во 2022 година пораснал за 4 милиони годишно, кога биле исплатени 6,8 милиони евра.
Значителни се износите, кои за период од 11 години од 2011 до 2022 година ги добиле партиите. Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во својата анализа пресметале дека најмногу средства од државниот Буџет добил СДСМ – 6 милиони евра, следи ВМРО ДПМНЕ со 5,7 милиони, ДУИ со близу 3 милиони, БЕСА и ДПА со по еден милион евра. Четирите најголеми партии заедно на своето конто имаат 80 отсто од државните пари за политичките субјекти. Во овие износи не влегуваат парите за платеното политичко рекламирање за време на изборите, кое исто така е финансирано од државниот Буџет.
Законот за финансирање на политичките партии (ЗФПП) и изборниот законик (ИК) содржат одредби за јавно финансирање. Со измените на ЗСПП од 2020 година, учеството на јавното финансирање за сите партии изнесува 0,105 отсто од државниот буџет. Дополнително, законот дозволува 280.000 евра за поддршка на Партиско истражувачко – аналитичките центри (ПИАЦ), кои се дел од интерните организација на политичките партии. На партиите им се дозволува и приватно финансирање.
Според ЗФПП, 30 отсто од сумата обезбедена како јавно финансирање треба да се распредели во еднакви услови за сите политички партии кои освоиле најмалку 1 процент од гласовите од излезноста на последните избори за претставници во Собранието, на национално ниво или на последните одржани локални избори. Останатите 70 отсто се распределува на политичките партии пропорционално на бројот на избрани претставници или бројот на избрани советници. Ова правило води до значителни разлики меѓу поголемите и помалите партии, кои немаат средства за да се промовираат пред граѓаните.
Двојните избори од април и мај годинава – Претседателските и Парламентарните се спроведени со рекорден износ од државниот Буџет и чинат нешто над 17 милиони евра, средства што главно завршија на сметките на четирите најголеми партии – ВМРО ДПМНЕ, СДС, ДУИ и БЕСА. Над 10 милиони се за платено политичко рекламирање (ППР).
Показател за драстичниот раст на државното финасирање е пресметката за тоа колку партиите добиваат по освоен мандат. Во 2011 година за еден мандат од државната каса се добивало по 40.698 денари, а во 2019 година драстично се зголемува и доаѓа до 149.000 денари. Забелешка на сите домашни и странски организации од Европската комисија во годишните извештаи за напредокот до ОБСЕ/ОДИХР, кои сметаат дека со тоа се намалува транспарентноста и можноста и другите политички субјекти да имаат рамноправен пристап.
Кога дава државата, зошто пари од сопствениот џеб?!
Зголемувањето на државното финансирање, паралелно го намалува износот на средства што партиите го прибираат на име на членарина – од 251.674 евра во 2019 година, во 2021 година тој износ паѓа на 160.976 евра.
Посебниот извештај на ДКСК по Локалните избори во 2021 година покажува дека од големите партии, донации за кампањата пренесени од сметката на партијата трошела само СДСМ (16%). ДУИ пак комплетно кампањата ја води со државни пари, а дури 97 отсто од потрошеното е платено политичко рекламирање (ППР), средства од државата и 3 отсто од редовното финнсирање, исто така од пари од државата. ВМРО ДПМНЕ само 9 отсто од парите добиени од државниот буџет за кампања ги дополнила со донациите на изборната сметка. За разлика до големите партии, новите субјекти, како и независните кандидати изборната кампања ја воделе главно или само со средства од донаци.
Според овие податоци, логично е реторичкото прашање на директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски: „Дали толку пари партиите ќе потрошеа за платено политичко рекламирање, доколку плаќаа од сопствените сметки, а не од државата?!“.
Илустративен е Посебниот извештај по Предвремените парламентарни избори во 2020 година на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) каде е забележано дека пет политички партии трошеле буџетски средства во предизборната кампања, што е забрането. Овие партии на изборната сметка ги префрлале парите што од Министерството за правда ги добиваат за редовното работење. Со тоа, направиле злоупотреба, смета ДКСК.
Истражувачко - аналитичките центри на четири политички партии добиваата по 280.000 евра годишно, пари кои треба да се користат строго наменски. Вакви центри имаат СДСМ, ДУИ, ВМРО ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Само Македонија има ваков државно финансирање, додека во сите други земји, овие центри се финансисраат приватно. Не поднесуваат извештај, иако се работи за финаиссрање со граѓански пари. За 9 години, колку што постојат, се исплатени 2 милиони евра од државниот буџет. Имаат по 2 вработени, со задача да едуцираат, истражуваат, анализираат, да одржуваат трибини, дебати сеиминари и работилници. ВМРО во 2023 година добило 92.000 евра (направило 12 испитувања на јавното мислење), СДСМ 86.000 (две испитувања), ДУИ 75.000 евра.
Партиите во плус, граѓаните во мунус
Анализата на финансиските извештаи, покажуваат дека партиите на власт со години го зголемувале контото, односно се која како доаѓала на власт, така растеле парите на сметка и партискиот имот.
Ги анализиравме извештаите во последните три години кај владејачките ДИУ и СДСМ и опозициската ВМРО ДПМНЕ, која победи на изборите во мај.
Најуспешно работење прикажала ДУИ, која во периодот од 2021- 2023 година успеала да го зголеми имотот во 2022 година и да оствари вишок на добивка, која во 2023 година изнесува 135 милиони денари. Расходите успела да ги намали од 24 милиони во 2022 година, на 21 милиони во 2023 година и покрај тоа што пораснале трошоците за реклама и пропаганда. ДУИ остварува и приход од камата, додека донациите од 29 милиони во 2021 година, паднале на 6,5 милиони во 2022 година и 1,5 милиони во 2023 година. Се намалува и приходот од членарини, но сепак, ДУИ бележи раст на вишокот. Финансиските извештаи на СДСМ покажува раст на приходите од 96 милиони денари во 2022 година на 119 милиони во 2023 година. Намалена е и обврска од долгорочниот кредит од 27,8 милиони на 19 милиони во 2023 година. Од расходите најмногу пораснале трошоците за реклама и пропаганда, иако за еден милион се помали вкупните расходи во однос на претходната година.
СДСМ за една година, како владејачка партија, успеала да ја зголеми нето вишокот добивка од 27,6 на 52,9 милиони денари во 2023 година.
И кај ВМРО ДПМНЕ растеле приходите од 85,5 милиони денари во 2022 година на 104 милиони во 2023 година, но се зголемувале и расходите – од 83 милиони на 98 милиони во 2023 година. Во регистарот на донации има 67 донатори, од кои само едно правно лице – „Лувак 2020“. Вкупните донации се намалиле и од 3,7 милиони денари во 2022 година, донациите паднале на 3,3 милиони денари.
ВМРО ДПМНЕ е најбогатата партија со имот според прикажаното во финансискиот извештај со пасива од 1,2 милијарди денари. Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година регистрира и 271 уметнички слики во деловните книги во вкупен износ од 23,9 милиони денари, врз основа на склучен договор со странско лице, за кои не биле доставени фактури од авторот на сликите, иако согласно склучениот договор обврзувачко било истите да се достават заклучно до 30.06.2017 година, врз основа на кои и би се извршило плаќањето, пишува во ревизорскиот извештај на ДЗР.
Клинетилистички донации
Има само мал број на процесуирани случаи во правосудството и сите се за незаконско финансирање во изборните кампањи. Тоа се случаите „Плацеви на Водно“ и „Талир“ што ги покрена некогашното Специјално јавно обвинителство СЈО за злоупотреба на донациите и членарината во ВМРО ДПМНЕ и случајот со партијата Обединети за Македонија, каде осуден на пет години и одлежа затвор лидерот Љубе Бошкоски за нелегално финасирање на изборната кампања.
Нема директен државен орган кој врши контрола на донациите. Случајот „Талир“ е за нелегално финансирање на партијата и на изборната камапња и е прв случај каде обвинета е политичка партија како правно лице за делото „Перење пари и други приноси“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Министерството за правда во 2018 година санкционираше 26 партии поради тоа што јавно не ги објавиле документите за финансиското работење.
Двата судски предмети – „Плацеви на Водно“ и „Талир“ ги подигна темите донации и партиски членарини на многу повисоко ниво, па следеше и законско доуредување со обрска за поголема транспарентност од страна на политичките партии. Изборната кампања, определено и со закон, може да се финансира и преку парични донации, донации во натура и заеми. Физичките лица можат да донираат до 3.000 евра, додека правните лица можат да придонесат до 30.000 евра по кампања.
На трговија со влијание преку донациите со години предупредуваат повеке институции и организации, вклучително ДКСК, ДЗР и извештаите на ОБСЕ/ОДИХР. Се укажува на давањето на донации во замена за јавни набавки, кога партијата доаѓа на власт, како еден од начините на трговија со влијание. Транспаренси Интернешнл – Македонија во Проценката на Националниот систем за интегритет оценува дека политичките врски се под влијание и на јавните набавки.
„На многу компании им се доделуваат тендери врз основа на нивните политичка припадност или блиски односи со владините функционери на национално и локално ниво. На пример, еден од најголемите добавувачи на нафта на државните институции во последните 10 години е фирма која е поврзана со пратеник од ДУИ.Најголем приватен донатор на ДУИ е компанијата Еуровија, која во 2022 година донираше 30.000 евра и беше наградена бројни тендери. Нема случаи на апсење на членови на политички партии поради нивната работа“, пишува во Проценката на Националниот систем за интегритет.
Гласните реакции ги сменија правилата на игра во партиите кои речиси сосема го намалија бројот на правни лица кои донираат, на сметка на физичките лица, кои се тие што ги потпишуваат донациите. Кога ќе се погледнат имињата кај големите партии, можат да се препознаат сопственици на компании, поранешни партиски функционери, а сега успешни бизнисмени, кои дале богати донации за партијата која ги направила функцинери. За сите партии е карактеристично дека како долгогодишни донатори се јавуваат пратеници, градоначалници, министри, директори на државни и општински претпријатија, училишта, градинки. До 2018 година физичко лице можеше да дoнира 75 просечни плати, а правно 150 просечни плати. Со измените во 2018 година, донирањето е огрaничено на 30 плати годишно за физички лица и 60 за правни.
Автор: Весна Коловска
Оваа истражувачка сторија е подготвена во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. За содржината на овој документ одговара авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Извор: ММС