“БИСТРО – МАТНО”
БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец Јуни 2024 година
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
===============================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2024 ГОДИНА
Извештај на Министерството за култура: Криминали и кривични дела во Агенцијата за филм – Бројни се кршењата на законските одредби, непочитувањата на процедурите, на кодексите и етичките норми, неселективност во работата, тесна спрега меѓу Управниот одбор на Агенцијата за филм со одговорните лица во Друштвото на филмски работници на Македонија, седум години едни исти лица кои се во деловни врски со ДФРМ одлучуваа за парите на Агенцијата за филм. Ова е само мал дел од извештајот на Работната група за утврдување на состојбите во Агенцијата формирана од министерот за култура. Контролата била извршена во текот на април и мај 2024 година. Од овој извештај може да се заклучи дека се сторени десетина можни кривични дела за злоупотреба на службената положба или несовесно работење на службата заради кои е оштетен државниот буџет. Наведени се бројни случаи на непотизам и клиентелизам.
ДКСК: Застареа околу 80 предмети – функционери ниту поднесоа анкетен лист, ниту платија глоба – Околу 80 предмети отворени во 2021 година по сопствена иницијатива и по увид во својата евиденција, членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на продолжението на шестата седница донесоа одлуки да се затворат и архивираат поради застареност. Станува збор за случаи на именувани службени лица главно за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија, здравствени институции, клиники, казнено-поправни институции и други државни институции кои по престанокот на функцијата не го испочитувале законски утврдениот рок од 30 дена да поднесат анкетен лист за имотната состојба до ДКСК. За овие случаи ДКСК во законски утврдениот рок не поднело прекршочна постапка, па настапила застареност за прекршочно гонење поради што, констатираа антикорупционерите, не може да се поведе или да се води постапка, бидејќи согласно Законот за прекршоци (чл. 41) „прекршочната постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот“.
ДКСК ќе бара одговорност од Демири – незаконски ги разрешил директорите на Токсикологија и Кардиохирургија – Според антикорупционерите, за двете разрешувања не биле почитувани процедурите за разрешување од функцијата, односно, како што велат од ДКСК, требало да има предлози за разрешување од Управните одбори до Здравствените совети на двете клиники. Министерот за здравство Илир Демири незаконски ги разрешил медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски и директорот на државната Кардиохирургија, Марјан Шокаровски. Антикорупциската комисија констатирала дека со двете одлуки на министерот за здравство Демири се прекршени Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и Законот за здравствена заштита, како и дека е повреден Изборниот законик, со оглед дека директорите биле разрешени со решенија донесени на 14 мај и 27 мај, пред усвојување на заклучокот за завршување на парламентарните избори од 30 мај 2024 година.
ДКСК: Градоначалник си ја унапредил сопругата во советник во неговата општина – Градоначалник на отворен јавен оглас унапредил својата сопруга од работно место соработник во советник со што го прекршил Законот за спречување на корупција. Од ДКСК на 6та седница информираа дека градоначалникот ја доставил бараната документација за тоа дали неговата сопруга е вработена во општината и целата постапка за нејзино унапредување, при што било констатирано од Антикорупциска дека го прекршил законот. ДКСК констатирала прекршок и градоначалникот ја платил глобата со што случајот запира, бидејќи повеќе институцијата нема надлежност да постапува понатаму. Антикорупциска информираше и дека службено лице кое поднело изјава за интерес во институцијата вршело две функции спротивно на законот. Имено лицето по укажувањето на ДКСК поднело документација дека е разрешено од функцијата- член на Управен одбор по што ја платило и глобата за прекршокот со што се затворил случај.
Анкета на Стопанска комора: Централната и локалната власт барале мито од приватниот бизнис – Се бројат на прсти компаниите кои пријавиле корупција, плашејќи се да не пропадне бизнисот или пак водејќи се со помислата дека системот нема ништо да реши и во случај да пријават. Ова го покажуваат најновите резултати од Анкетата со приватниот бизнис сектор за корупција, која ја спроведе Стопанската комора во март годинава, а се однесува на 2023 година. Централната власт е најголем подмитувач на бизнисот. Обидувајќи се индиректно да бара пари, процент од тендери, нечие вработување или унапредување, донација за политичка партија, подароци. На меѓународното рангирање, Македонија е на 76-то место. „Корупцијата некогаш го кородира општеството од внатре, така што прашање е и на национална сигурност, дали ќе имаме или немаме безбедност. Со еден збор корупцијата е канцер на општетството. На пет компании им биле побарани над 100 000 евра, а од некои, кои учествувале на тендер, биле побарани 6-10% од износот на тендерот.“ – м-р Зоран Јовановски советник на претседателот на СКСМ.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2024 ГОДИНА
Реакција за отсуство на консултативен процес за измена на системскиот Закон за организација на работата на органите на државна управа – Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата реагира до Собранието на Република Северна Македонија за затворениот и неконсултативен процес со засегнатите страни по Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за организација на работата на органите на државна управа. Исто така, формирањето на три нови министерства и реорганизацијата на системот на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо за Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики. Со оваа реакција Платформата останува доследна и на претходното укажување од 2022 година дека реорганизацијата на државната управа е исклучително важен процес, кој мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат.
Инспектор од МВР обвинет за фалсификување документи и несовесно работење – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против З.Л., самостоен инспектор во Регионалниот центар за гранични работи Југ, поради сомневање за „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправи во посебни случаи“. Според МВР, тој како претседател на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на РЦ Југ и РЦ Запад два пати не спровел дисциплински постапки против една вработена во законскиот рок. Дополнително, на одлуката за прекинување на дисциплинската постапка против вработената го фалсификувал потписот на заменик членот на комисијата. Одделот за внатрешна контрола ќе предложи поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина, а пријавениот ќе биде отстранет од работното место до завршување на постапката.
Барометар на корупција, јуни 2024