Политичките партии во рамките на Националниот систем за интегритет имаат вкупна оцена од 60.42.
Оваа збирна оцена е составена од оценка за капацитет кој за оваа институција изнесува 68.75, оцена за управување од 62.5 и оцена за улога од 50.
Оцената за капацитет се состои од оцена за ресурсите и независноста на политичките партии.
Независноста на партиите е гарантирана со Уставот и уредена со неколку закони како што е Законот за политички партии и Законот за финансирање на политичките партии. Во практика, политичките партии се соочуваат со повремено мешање преку размена на влијание за закони направени по мерка. Исто така, постапките за јавните набавки се под влијание на политичките врски меѓу бизнисите и политичките партии. Партиите имаат право да добиваат јавни средства за редовното функционирање и за изборните активности но, сепак, тие сѐ уште зависат од приватни донации што можат да влијаат врз политиките на партиите.
Во делот на управување се оценува транспарентноста, отчетност и интегритет.
Системот за пријавување е доста комплексен, со различни извештаи што мора да се достават до различни институции во различно време (на пример, два извештаи за донации во текот на изборните кампањи и еден финансиски извештај на крајот на изборите). Исто така, нема јавна онлајн платформа за доставување и објавување на извештаите. Некои партии не ги објавуваат јавно нивните финансиски информации на нивните веб-страници а, кога го прават тоа, тоа често не е во отворен формат во кој може да се пребарува.
Внатрешната поделба и борбата за моќ во рамките на партиите се чести и влијаат врз внатрешната демократија. Повеќето партии се под големо влијание на нивниот политички лидер што во поголемите партии се бира индиректно на конгрес на партијата.
Улогата вклучува оцена за степенот со кој политичките партии ги застапуваат релевантните општествени интереси во политичката сфера и нивната заложба за борбата против корупцијата.
Сите големи партии имаат политики за спречување корупција во нивните партиски програми, но нивната посветеност кон овие прашања избледнува кога ќе дојдат на власт. Оттука, од клучно значење е да се зајакне посветеноста на политичките партии на антикорупциските политики и внатрешнопартиската транспарентност. Нивното активно вклучување има значаен потенцијал во борбата против корупцијата, со потенцијал да помогне во искоренувањето на неказнивоста поврзана со големата корупција и корупцијата на сите нивоа во земјата.
Препораки за столбот:
- Законот за финансирање на политичките партии треба да воспостави поурамнотежен модел на јавно финансирање на партиите меѓу поголемите и помалите партии со порамноправна распределба на процентите на финансирање меѓу учесниците во парламентарните избори.
- Министерството за финансии треба да воспостави онлајн платформа за политичките партии да ги доставуваат своите финансиски извештаи.
- Министерството за финансии треба да го подобри образецот за финансиско известување со тоа што ќе додаде посебна ставка за политичко рекламирање на социјалните медиуми и ќе овозможи онлајн известување со можност за споредба на податоците
- Министерството за правда, во соработка со ДКСК, ДЗР и ДИК, како и со другите тела поврзани со надзорот на политичкото финансирање, треба да воспостави механизам за соодветна примена на законските обврски и да ги применува прекршочните одредби за непочитување од страна на политичките партии на нивните обврски за политичко финансирање, особено недоставување на финансиските извештаи.
- Владата и Собранието треба да работат заедно со здруженијата на медиуми за да изнајдат решение да вклучат регулирање на кампањите на социјалните медиуми во Изборниот законик.
Ова видео е подготвено во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.