Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем за интегритет на Северна Македонија”, кој содржи анализа на состојбата со столбовите на интегритет на државата во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Во рамките на овој извештај е направена анализа и е дадена оценка за 15 столбови, коишто се дел од државното уредување на земјата. Оценката се оформува според методологија подготвена од страна на Транспаренси Интернешнл.
Бизнис секторот е помеѓу столбовите за коишто е дадена најниска оцена.
Препораки за столбот
- Стопанските комори (сите постојни комори) треба да инсистираат на дијалог со Владата во областа на транспарентноста и антикорупциските активности, а Владата треба да го стави овој дијалог на својата агенда
- Собранието треба да го донесе нацрт законодавство за сметководство во консултација со релевантната комора и сојуз на сметководители и да воспостави национален систем за сертификација за внатрешни ревизори
- Владата треба да воведе законски барања за секој кој доставува понуда за јавен договор да има одговорен службеник за усогласеност или етичка програма (на пример, антикорупциски спогодби, деловни начела)
- Владата треба да воведе регистар за државна помош на интернет за транспарентно да покаже кои деловни субјекти добиваат државна помош и износот што го добиваат, кога и за што
- Деловниот сектор треба да воспостави соработка со Државната комисија за спречување корупција преку Стопанската комора, да ја зголеми транспарентноста, да спречи корупција и да го охрабри деловниот сектор да пријавува вклучување на службеници во случаи на корупција, преку организирање годишни средби
- Владата треба да го забрза законодавството што ќе создаде поповолна деловна средина, особено со елиминирање на преклопувањето на надлежностите меѓу институциите и имањето долги и сложени процедури. Ваквото законодавство или амандмани за постојните закони треба да вклучуваат:
– Закон за стечај
– Закон за управна постапка
– Закон за ревизија
– донесување службени консолидирани верзии на законите што често се изменуваат, или донесување на нови закони
- Владата и деловниот сектор треба да промовираат кампањи за да ја покажат важноста од донесувањето кодекси за борба против корупцијата.
Национален систем за интегритет – оцена за Република Северна Македонија