Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем на интегритет на Северна Македонија”, кој содржи анализа на состојбата со столбовите на интегритет на државата во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Во рамките на овој извештај е направена анализа и е дадена оценка за 15 столбови, коишто се дел од државното уредување на земјата. Оценката се оформува според методологија подготвена од страна на Транспаренси Интернешнл.
Политичките партии се анализирани во рамките на извештајот и имаат вкупна оцена 60,42.
Препораки за столбот
- Законот за финансирање на политичките партии треба да воспостави поурамнотежен модел на јавно финансирање на партиите меѓу поголемите и помалите партии со порамноправна распределба на процентите на финансирање меѓу учесниците во парламентарните избори
- Министерството за финансии треба да воспостави онлајн платформа за политичките партии да ги доставуваат своите финансиски извештаи. Оваа платформа треба да воспостави јавна база на податоци со сите финансиски извештаи достапни во формат во кој може да се пребарува со што ќе се намали товарот на известување и ќе ги направи податоците корисни за другите институции и транспарентни за медиумите и за граѓаните
- Министерството за финансии треба да го подобри образецот за финансиско известување со тоа што ќе додаде посебна ставка за политичко рекламирање на социјалните медиуми и ќе овозможи онлајн известување со можност за споредба на податоците
- Министерството за правда, во соработка со ДКСК, ДЗР и ДИК, како и со другите тела поврзани со надзорот на политичкото финансирање, треба да воспостави механизам за соодветна примена на законските обврски и да ги применува прекршочните одредби за непочитување од страна на политичките партии на нивните обврски за политичко финансирање, особено недоставување на финансиските извештаи
- Владата и Собранието треба да работат заедно со здруженијата на медиуми за да изнајдат решение да вклучат регулирање на кампањите на социјалните медиуми во Изборниот законик.
Национален систем за интегритет – оцена за Република Северна Македонија