Во 2024 година, Транспаренси Интернешнл- Македонија го подготви третиот по ред Национален систем за интегритет (НСИ) како дел од проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. Националниот систем за интегритет (НСИ) ги опфаќа главните институции за управување во земјата кои се борат против корупцијата. Во рамките на оваа анализа се оценуваат 15 столбови.
Народниот правобранител е треторангирана институција во рамките на Националниот систем на интегритет со вкупна оцена од 70.84 поени. Оваа збирна оцена е составена од оценка за капацитет кој за оваа институција изнесува 66.7, оцена за управување од 70.83 и оцена за улога од 75.
Оцената за капацитет се состои од оцена за ресурсите и независноста на институцијата.
Народниот правобранител е независна државна институција со овластување да ги штити човековите права и слободите на поединците и групите граѓани кога државата истите ги повредува. Буџетот на народниот правобранител не го покрива опсегот на работа, особено ресурсите за градење на капацитетите за институционални и човечки ресурси. Законската рамка ја осигурува независноста на Народниот правобранител. Сепак, на постапката за избор и за именување ѝ недостасува транспарентност, што може да се злоупотреби за да се ограничи независноста на службата.
Во делот на управување се оценува транспарентноста, отчетноста и интегритетот.
Веб-страницата на народниот правобранител содржи корисни информации поврзани со работата на институцијата. Сепак, информациите не се објавуваат секогаш на време и понекогаш има недостиг од подробности како што е известување за редовните активности или посебни извештаи за дискриминација. Народниот правобранител е одговорен пред Собранието преку годишен извештај, но овој извештај не се разгледува на време, можеби поради тоа што не постои законски рок. Институцијата во моментот нема сопствен кодекс на однесување, етички кодекс или политика на интегритет.
Улогата ја вклучуваа ефективноста на истрагите и добрите практики на делување.
Народниот правобранител е многу активен во обезбедувањето препораки до владата и до другите институции, но тие често не се спроведуваат, што ја ограничува ефективноста на народниот правобранител.
- Да се донесе етички кодекс и политика за интегритет во согласност со насоките од Државната комисија за спречување корупција.
- Институцијата Народен правобранител треба да ангажира повеќе персонал за да може соодветно да ги спроведува потпрограмите.
- Народниот правобранител треба да ја зголеми видливоста со изготвување и спроведување стратегија за комуникација која исто така ќе ги промовира надлежностите на Народниот правобранител како точка за надворешно пријавување и заштита на укажувачите.
- Народниот правобранител треба да обезбеди можност за обука на персоналот за интегритет и за укажување.
- Народниот правобранител, во годишниот извештај треба да вклучи податоци поделени по пол на добиени претставки во општиот дел за статистички податоци.
- Народниот правобранител треба активно да го промовира спроведувањето на Законот за заштита на укажувачите со изготвување кампањи, спроведување обуки со лица одговорни за надворешно и внатрешно пријавување и со поголема комуникација со другите институции одговорни за надворешни пријавување: ДКСК, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи.
- Владата треба да обезбеди дополнителен буџет за Народниот правобранител и за подобро спроведување на потпрограмите и за ангажман на повеќе персонал и испорака на обука за интегритет и за укажувачи и да го измени Законот за Народен правобранител, другите акти и интерните процедури во согласност со Париските начела, така што институцијата може да добие статус на национална институција за човекови права.
- Собранието треба да:
- го заврши прегледот на извештајот на Народниот правобранител за 2021 г. и да осигури дека идните извештаи се разгледуваат и расправаат во рамките на законскиот рок што треба да биде вклучен во законската рамка
- воспостават ефективни и временски ограничени постапки што ќе осигурат ефикасност во следењето и спроведувањето на препораките на Народниот правобранител. Персоналот на Народниот правобранител треба да е одговорен за следење на спроведувањето на препораките со јавно достапен извештај.
- воспостави потранспарентна и отворена постапка за избор и именување на Народниот правобранител и неговите заменици слично на онаа за избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување корупција.
Ова видео е подготвено во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.