Во извештајот недостасуваат информации за примена на Законот за заштита на укажувачи
Транспаренси Интернешнл-Македонија ја изразува потребата од јавна реакција во врска со Извештајот за работа на јавните обвинителства во РСМ за 2023 година.
Имајќи го предвид Законот за заштитата на укажувачите, Јавното обвинителство (ЈОРМ) има доделени надлежности да воспостави безбедносен канал за надворешно пријавување од страна на укажувачите. Дополнително, согласно законот, Обвинителството е една од институциите којашто е надлежна да обезбеди заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие, или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување.
Последниот годишен извештај за 2023 година, којшто беше јавно објавен и поднесен во Сообранието, не содржи ниту една информација којашто се однесува на поимот укажувач.
Дополнителна информација што треба да биде јавно објавена и лесно достапна на укажувачите се информациите за назначени лица за прием на пријави од укажувачи во институцијата. Таква информација на официјалната веб страна на ЈОРМ нема или евентуално е поставена на позиција којашто не е лесно видлива.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија како орган со надлежности да ги гони сторителите на кривични дела, како и сузбивање на корупцијата во државата, може значително да придонесе во заштитата на укажувачите. Затоа сметаме дека е од исклучително значење оваа институција да се вклучи активно во промовирање на Заштитата на укажувачите како и нивното значење во едно општество.
Транспаренси Интернешнл-Македонија смета дека улогата на ЈОРМ во обезбедувањето на заштита на укажувачите е од исклучително значење и од тие причини предлага поголема транспарентност, да се поедностави и да се обезбеди поголема достапност до каналот за надворешно пријавување во институцијата. Ваквите слабости, Транспаренси Интернешнл-Македонија ги утврди и во Националниот систем за интегритет, во којшто една од препораките до Јавното обвинителство беше потребата да се обезбеди заштитен канал за известување на укажувачите врз основа на Законот за заштита на укажувачите.
Свесни дека институцијата се соочува со недостаток како на човечки, така и на финансиски ресурси, повикуваме Собранието и Владата, а особено Министерството за финансии, да обезбедат средства коишто би придонеле за надминување на ваквите состојби. Дополнително, Транспаренси Интернешнл-Македонија апелира да се продолжи процесот на донесување на новиот Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи којшто претставува важна алатка во сузбивање на корупцијата.
Борбата со корупција и организираниот криминал е во интерес на сите чинители во општеството и ни останува заедно континуирано и посветено да дејствуваме во намалувањето на истата.