Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем за интегритет-оцена за Република Северна Македонија”, којшто содржи анализа на состојбата на 15-те столбови на национален систем за интегритет во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“ којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија. Транспаренси Интернешнл го разви националниот систем за интегритет како дел од својот холистички пристап во борбата против корупцијата, оценувајќи ја правната основа и реалните перформанси на институциите релевантни за севкупниот систем за борба против корупцијата.
Во рамките на овој извештај, за првпат е направена анализа на родовата сензитивност со препораки за 14-те столбови коишто се релевантни за системот за интегритет на земјата. Анализата е направена според методологија подготвена од Транспаренси Интернешнл. Родовата сензитивност беше еден од показателите за анализа на работата на 14 од 15 столбови на коишто беше спроведена севкупната проценка.
Со новововедените родови индикатори во оценката на НСИ за Република Северна Македонија се истакна фактот дека, и покрај децениската работа на родовата еднаквост во сите сегменти во општеството, вклучително и развиена и подобрена правна рамка за родова еднаквост, сè уште претстои долг пат за да се дојде до родово-сензитивни, недискриминаторски институции и практики коишто се од корист за сите граѓани на земјата.
Национален систем за интегритет-оцена за Република Северна Македонија, Родови индикатори-препораки
Овој документ е подготвен во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл-Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. За содржината на овој документ одговара Транспаренси Интернешнл-Македонија и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и Владата на Швајцарија.