Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем за интегритет-оцена за Република Северна Македонија”, којшто содржи анализа на состојбата на 15-те столбови на национален систем на интегритет во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“ којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Во рамките на овој извештај, за првпат е направена анализа на родовата сензитивност со препораки за 14-те столбови коишто се релевантни за системот на интегритет на земјата. Анализата е направена според методологија подготвена од Транспаренси Интернешнл. Родовата сензитивност беше еден од показателите за анализа на работата на 14 од 15 столбови на коишто беше спроведена севкупната проценка.
Законодавна власт
Оцена: 75/100
За парламентарните избори во 2024 година, законот наложува минимум 40 проценти застапеност на било кој пол на секоја кандидатска листа. Сите пријавени кандидатски листи ги исполнуваат условите за пол. Иако жените беа застапени со 43 проценти од сите кандидати за пратеници, тие често беа на најниските позиции дозволени со законот, а жените кандидати беа носители на само 25 проценти од листите. Политичките партии имаа неколку жени говорници на настаните од кампањата, а партиите вложуваа мал напор за да се приближат до жените гласачи. Проблемите поврзани со родовата еднаквост беа главно отсутни од дискурсот на кампањата. Еден од двајцата кандидати во вториот круг од претседателските избори беше жена.
Во составот на Собранието за периодот 2020-2024 година, 46 од 123 пратеници се жени или 38.33 проценти. Еден од тројцата потпретседатели на Собранието е жена, а исто така и генералниот секретар на Собранието е жена.
Препораки:
Да се подобри позиционирањето на жените на изборните листи, да се стават повеќе жени во горниот дел од изборните листи, како и повеќе жени носители на листите
Се препорачува политичките партии да ја зголемат вклученоста на жените на значајни позиции во телата на партиите и да ги направат видливи во медиумите и на социјалните платформи
Се препорачува медиумите да се сензибилизираат и редовно да ги портретираат жените-политичарки во еднаков сооднос (колку што е можно) како и мажите политичари, и да играат активна улога во зајакнување на улогата на жените
Се препорачува да има континуирано градење на капацитетите за родова еднаквост и за жените и за мажите пратеници за секое новоизбрано Собрание, вклучување на родовата перспектива, анализа на законите и политиките од родова перспектива, како и за родово одговорно буџетирање, медиуми и онлајн присуство и употреба на платформи
Континуирани обуки и кампањи за подигање на свеста за жените за тоа како да се справат и да ги надминат онлајн (и офлајн) заканите што сè почесто им се испраќаат.