Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем за интегритет-оцена за Република Северна Македонија”, којшто содржи анализа на состојбата на 15-те столбови на национален систем на интегритет во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“ којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Во рамките на овој извештај, за првпат е направена анализа на родовата сензитивност со препораки за 14-те столбови коишто се релевантни за системот на интегритет на земјата. Анализата е направена според методологија подготвена од Транспаренси Интернешнл. Родовата сензитивност беше еден од показателите за анализа на работата на 14 од 15 столбови на коишто беше спроведена севкупната проценка.
Судство
Судските механизми не се родово-сензитивни.
Оцена: 00/100
Судскиот совет произведува родово распределени податоци за родовата еднаквост во судството за аспекти како што се бројот на именувани судии и бројот на именувани претседатели на судовите, но не и дали нивните механизми како што се механизмите за жалби се родово-сензитивни. Всушност, не постојат родово-сензитивни протоколи и упатства за поплаки и механизми за истрага кадешто тие треба да го вклучат женскиот персонал или да произведат родово разделени податоци за, на пример, жалби поднесени од жени или мажи, време на обработка на жалби поднесени од жени или мажи, жалби решени или игнорирани од жени или мажи. Исто така, нема обука или материјал за подигање на свеста за службениците и персоналот за оптимално спроведување на родово-сензитивни механизми.
Препораки:
Се препорачува секој суд да изготви механизми за родово-сензитивни жалби, како што се протоколи и упатства за жалби и механизми за истрага за да го вклучи женскиот персонал и/или да произведува родово распределени податоци за, на пример, жалби поднесени или од жени или од мажи (по пол), време на обработка на жалби поднесени од жени и од мажи, решени или отфрлени жалби коишто се поднесени од жени или од мажи.
Редовно да се чуваат и споделуваат родово распределени податоци за назначувања, напредувања и обуки со сите релевантни институции и со јавноста.
Се препорачува да се спроведуваат обуки во редовни интервали со документи за подигнување на свеста за судските службеници и персоналот на сите нивоа за оптимално спроведување на родово-сензитивни механизми во секој суд, вклучително и Судскиот совет.
Се препорачува да има континуирано градење на капацитетите за секој нов судија и персонал, и за жените и за мажите, за родова еднаквост, вклучување на родовата перспектива, анализа на законите и политиките од родова перспектива, како и за родово одговорно буџетирање, медиуми и онлајн присуство и употреба на платформи.
Се препорачува во годишните извештаи на судовите и на Судскиот совет сите податоци да бидат родово распределени, вклучувајќи ги и податоците за децата.
Со оглед на зголеменото онлајн насилство врз жените-политичарки и оние кои се кандидираат или имаат функции (на законодавно, извршно и судско ниво), треба да им се овозможат континуирани обуки и кампањи за подигање на свеста за жените за тоа како да се справат и да ги надминат онлајн (и офлајн) заканите што сè почесто им се испраќаат.