Транспаренси Интернешнл-Македонија од своето основање во 2006 година е посветена на борбата против корупцијата и промовирање политики кои ги поддржуваат клучните реформи во политичката и социјалната сфера и игра значајна улога во подигнувањето на свеста кај граѓаните за корупцијата и важноста на укажувањето како ефективна мерка за зајакнување на напорите во борба против корупцијата. 18 години функционира и Центарот за правни совети (Advocacy and Legak Advice Center – ALAC) и во текот на овие години се примени преку 2000 пријави. Центарот за правни совети има за цел подобрување на демократското владеење преку активна вклученост на граѓаните во борбата против корупцијата, да ја оценат ефикасноста и одговорноста на владата и да допринесат за системско зајакнување во политиките и практиките. Граѓаните имаат можност да пријават коруптивни дела и да добијат поддршка при детектирање на корупција и незаконито однесување од страна на институциите. На овој начин се остварува заедничка борба против корупцијата.
Центарот за правни совети на ТИ-Македонија во 2024 година прими 153 пријави од граѓани кои храбро се спротивставија на разни видови коруптивни дејствија. Заложбите на граѓаните несомнено ќе придонесат за потранспарентно и пофер општество. Граѓаните го препознаваат Центарот за правни совети на ТИ-Македонија како моќна алатка преку која тие можат да придонесат во борбата против корупцијата. Од приментие пријави во текот на 2024 година се детектираат слабостите во различни области и слабостите на институциите. Како наризична област се покажува делот на регулирањето на финансиите и банкарството, а потоа следат полицијата и здравствениот сектор.