Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
Овој годишен Извештај е преглед на сите дванаесет изданија на „Бистро-Матно“ кои што беа објавени во изминатата 2024 година.
Во ова годишно издание од значење е да се напомене дека во секоја едиција на „Бистро-Матно“ беа забележани настани кои што се објавени од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија.
Како институции кои што активно се залагаат за намалувањето на корупцијата анализирајќи го овој барометар можеме да посочиме дека со нивното дејствување продолжуваат континуирано да посочуваат нерегуларности од областа на своето дејствување. Согласно Националниот Систем за интегритет[1], истражување кое го спроведе Транспаренси Интернешнл Македонија овие две институции се прво и второ рангирани со највисоки оцени. Државниот завод за ревизија објавува сеопфатни извештаи за работењето на нашите институции и ги посочува недостатоците во функционирањето и имплементацијата на политиките и активностите.
Изминатата 2024 година беше изборна година, па од тие причини не нé заобиколија и изборните нерегуларности. Најголемо внимание привлече постапката помеѓу Државната Комисија за спречување на Корупцијата и Академијата за судии и јавни обвинители, за која од Управниот суд донесе пресуда за запирање на процесот на селекција на кандидати во изборен период. Следствено на тоа ДКСК покрена иницијатива за утврдување на одговорност за директорката и Управниот Одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. ДКСК оформила 65 предмети за повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата во врска со изборната кампања 2024.
Академијата продолжи да биде присутна во јавноста и тоа не остана незабележано со остварениот претрес во нејзините простории, подоцна и за Одлуката за тајно гласање на Управниот Одбор за избор на нов директор. Дополнително од страна на ДКСК беше донесена одлука во која беше утврдено дека незаконски се назначени 4 нови членови на Управниот Одбор на Академијата.
Со сигурност можеме да наведеме дека голема реакција во јавноста предизвика случајот со Врховниот судија Наќе Георгиев и поранешниот Народен Правобранител Иџет Мемети кои се спогодија со обвинителството во врска со примање поткуп.
И оваа година не изостана „Црната листа“ на Стејт Депатментот. На оваа листа се најдоа и поранешни високи функционери, но и луѓе кои директно ја спроведуваат правдата и се дел од правосудниот систем. Ова е еден од индикаторите зошто и така ниската доверба во правосудството во континуитет бележи пад. За среќа овие индикации за можни дела за корупција и злоупотреба на службената должност беа препознаени од македонските власти и предмети против пранешниот вицепремиер Груби и апелацискиот судија Беџети беа отворени.
Во изминатата година беа присутни и граѓанските организации кои најчесто реагираа за проблемите со кои што се соочуваат граѓаните, законски измени како и транспарентноста и отчетноста на институциите.
Иако во сенка од таканаречените матни настани не изостанаа и бистрите настани.
По реакциите во јавноста и Државната комисија за спречување на корупција беше отворена предистрага за судијата кој си ги преправал оценките во тетовскиот универзитет. Ваквите истраги секогаш јавуваат интерес кај граѓаните најмногу чекајќи го крајниот исход.
Иако не многу често, по иницијатива на ДКСК, ОЈО Скопје почна постапка против организациски директор на Клиниката за токсикологија. Многу често во јавноста беше пласирана информацијата дека иницијативите на ДКСК не завршуваат со обвиненија.
ЗНМ поднесе пријава за недолично однесување на судијката од битолскиот суд, која им ги одзеде телефоните и камерите на новинарите. Седмата сила е многу важен фактор во справувањето со корупцијата и нивната заложба секогаш ќе биде проследена со позитивна реакција.
Вредно да се напомене, а можеби и да се земе како пример и пракса за другите институции се измените на Деловникот на Врховниот суд кој ги отвори општите седници за јавноста и медиумите – „Предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство.
Настаните од Барометарот на корупција за 2024 година можете да ги видете во следниот документ: