Во ера на дигитализација достапноста од отворени податоци е од исклучителна важност и за борбата против корупцијата. Транспаренси Интернешнл- Македонија во рамките на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓански организации во борбата против корупцијата со податоци за политичкиот интегритет“ ќе подготви три бази на податоци и тоа за: политичко финансирање, база на податоци за јавни набавки и база на податоци за добиени концесии за истражување на минерални добра и изградба на мали хидроцентрали.
Првата база на податоци ќе овозможи лесен преглед на политичкото финансирање. Оваа база на податоци ќе може да се користи од страна на различни засегнати страни кои преку отворени податоци може да ги повикаат на одговорност високите функционери за нивно работење кое е спротивно со законот.
Иако системот на јавни набавки е зајакнат во последните години како во Северна Македонија, така и во земјите од Западен Балкан, се забележуваат нерегуларности и ризици од корупција. Некои од главните недостатоци кога станува збор за јавните набавки вклучуваат: несоодветни управување со јавните набавки, лошо планирање на набавките, недостаток на отворени постапки за набавки, фаворизирање на одредени оператори, јавни набавки со една понуда, склучување на договори со цена повисока од реалната цена. Потребни се дополнителни напори и вклучување на сите институционални ресурси за детектирање на ризиците од корупција на ова поле.
Потребни се и отворени податоци и лесен преглед на доделени концесии за да се информираат граѓаните и сите засегнати страни за ова исклучително прашање. Отвореноста на овие податоци има јасна релевантност поради економските и еколошките последици од овие одлуки.