На 29-ти септември 2025 во Граѓанскиот ресурсен центар беа потпишани договорите за спроведување на пет под-грантови доделени од страна на Траснпаренси Интернешнл- Македонија во рамките на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓански организации во борбата против корупцијата со податоци за политичкиот интегритет“, поддржан од Европската Унија.
Целта на овој проект е да ги зајакне граѓаните и актерите од граѓанското општество во Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Турција да бараат одговорност од носители на политички функции за интегритетот на политичкото финансирање, донесувањето закони и распределбата на ресурсите. Зајакнатиот политички интегритет треба да поттикне повеќе јавни одлуки во согласност со општото добро.
Преку отворениот повик за апликации, заинтересираните кандидати имаа можност да предложат иновативни иницијативи кои ќе ја искористат јавната достапност на податоци за идентификување и разоткривање на ризиците од политичка корупција, како и за унапредување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во Македонија. Во рамките на повикот пристигнаа преку 30 апликации кои содржеа одлични идеи и активности. Процедурата за оценување беше спроведена во рамките на организацијата и беа доделени финаиски средства за спроведување на 5 грантови.
Сите одбрани проекти нудат активности кои ќе имаат влијание врз подобрување на транспарентноиста на институциите и зајакнување како на институционалниот, така и на личниот интегритет на носителите на јавни функции.
Следните проекти доделени во рамките на повикот ќе бидат спроведени:
Проект: “Data-Driven Democracy: Tracking Political Parties for a More Transparent Future”
Организација: Асоцијација за демократски иницијативи
Цел на проектот е зајакнување на политичкиот интегритет и намалување на ризиците од корупција во Македонија преку подобрување на транспарентноста на политичките партии, поттикнување на граѓански надзор и унапредување на отчетноста во политичкото финансирање и законодавството.
Во рамки на проектот ќе бидат објавени три политички брифови, секој насочен кон специфична ризична област: транспарентност во политичкото финансирање, внатрешно партиско управување поврзано со законодавниот процес и врски со фаворизирање при јавни набавки. Ќе биде организиран еден форум за интегритет на заедницата и една национална тркалезна маса. Ќе биде спроведена и дигитална кампања за подигање на свеста, со употреба на инфографици кои ќе ги преточат сложените политички наоди во разбирливи пораки, со што ќе се допрат над 10.000 граѓани онлајн и ќе се зајакнат локалните граѓански организации, младинските совети и малцинските групи да продолжат со надзор на транспарентноста и по завршување на проектот, обезбедувајќи долгорочно влијание врз интегритетот.
Проект: „Invisible Citizens: Promoting Political Integrity and Transparency for the Visually Impaired“
Организација: Здружение за Европска Инклузија ЕСИ НЕЛИС – Скопје
Овој проект има за цел да истражи како механизмите за политички интегритет, како што се законодавните процеси и јавните одлуки, често ги занемаруваат потребите на слепите и лицата со оштетен вид во Македонија.
Во овој проект ќе биде објавен сеопфатен политички извештај кој ќе ги документира празнините во пристапноста во политичкото финансирање и процесите на одлучување, како и видео за подигање на свеста кое ќе биде дистрибуирано онлајн. 10 активисти ќе бидат обучени да анализира податоци, да користи пристапливи алатки и да се залагаат за инклузија. Ќе бидат произведени и емитувани радио емисии, а истовремено ќе се спроведе и кампања на социјалните мрежи со која ќе се опфатат над 15.000 луѓе, зголемувајќи ја свеста за транспарентност и инклузија на лицата со попреченост. Организираните работилници ќе бидат наменети за најмалку 40 учесници од институции, организации и други релевантни засегнати страни.
Проект: “INTEGRITY HACK: Open Data Against Political Corruption”
Организација: Охрид Институт
Овој проект е иницијатива предводена од млади, наменета за зајакнување на политичкиот интегритет во Македонија преку зајакнување на млади политички лидери со практични вештини за анализа на отворени податоци, меѓупартиска соработка и застапување против корупцијата. Проектот е наменет за лица на возраст од 18 до 30 години, поврзани со политички партии во државата, со што се промовира политичка разновидност, меѓусебно разбирање и демократска ангажираност.
Главната активност на проектот е тридневен хакатон за интегритет, на кој учесниците ќе формираат меѓупартиски тимови и ќе бидат менторирани од експерти за новинарство, граѓанска технологија и јавна етика. Врз основа на нивните наоди, тие ќе развијат конкретни резултати како: визуелизации на податоци кои ќе ги прикажат јавно празнините во интегритетот; кратки политички брифови со предлози за реформи; и дигитални концепти или civic-tech алатки за промоција на транспарентноста.
Проект: “Face to Face with Integrity: Mobilizing Citizens and Media for Political Integrity in North Macedonia”
Организација: „Паблик“ Асоцијација за истражување, комуникации и развој
Проектот има за цел да го зајакне политичкиот интегритет во Македонија преку трансформирање на сложените податоци за антикорупција во пристапна и разбирлива комуникација за граѓаните. Преку посебна онлајн ресурсна секција, креативна мултимедијална содржина и партиципативно раскажување, проектот ќе ја зголеми јавната свест за ризиците од корупција во политичкото финансирање, законодавниот процес и јавните набавки.
Проектот предвидува креирање и лансирање на веб-секцијата „Граѓани за интегритет“ со најмалку 25 пристапни ресурси (видеа, инфографици, статии) кои ќе ги поедностават податоците за политичкиот интегритет до завршување на проектот. Ќе бидат вклучени 12–15 млади уметници преку национален повик, при што 10 селектирани дела ќе бидат претставени на јавна изложба со најмалку 30 посетители. Ќе се изврши прибирање и анализа на 80–100 граѓански сведоштва за ризици од корупција преку Алатката за граѓанско учество на БИРН, со објавување на клучните наоди за поддршка на застапувањето. А проектот ќе вклучи и спроведување на двомесечна кампања на социјалните мрежи со најмалку 4 објави неделно, постигнувајќи вкупно 300.000 импресии до февруари 2026 година.
Проект: “Open Contracts, Honest Communities: Tracking Local Procurement for Integrity”
Организација: FINANCE THINK – Институт за економски истражувања и политики
Проектот има за цел да ја зголеми транспарентноста и политичкиот интегритет во јавните набавки на општинско ниво во Македонија. Фокусирајќи се на две општини (Прилеп и Крушево), проектот ќе ги процени поновите локални процеси на јавни набавки користејќи стандардизирана картица за транспарентност, со идентификување на силните страни и ризиците поврзани со отвореноста, конкуренцијата и отчетноста.
Активностите ќе вклучуваат проценка на најмалку 8–10 постапки за општински јавни набавки со употреба на стандардизирана картица за транспарентност. Ќе бидат обучени најмалку 15 локални засегнати страни (вклучувајќи граѓани, граѓански организации и новинари) за следење и известување за процесите на јавни набавки. Политичкиот интегритет и отчетноста ќе бидат зајакнати преку објавување на 2 картици за транспарентност на општинските набавки и еден споредбен полиси бриф.