Укажувањето неправилности претставува споделување информации за наводно неправилно постапување со поединци или институции за кои се смета дека можат да преземат дејствие. Самите организации најчесто се најдобро позиционирани да се справат со неправилности што се случуваат во нивна надлежност, а во пракса, повеќето укажувачи најпрво се обраќаат внатре во организацијата. Затоа е клучно организациите, било приватни компании или јавни институции, да обезбедат безбедни и ефективни механизми за примање и постапување по овие пријави, како и силна заштита за укажувачите.
Оттаму, сè поголем број национални закони бараат од организациите да воспостават внатрешен систем за укажување неправилности (ВСУН), познат и како „speak up“ или внатрешен систем за укажување. Таков е случајот, на пример, во земјите од Европската Унија (ЕУ), според Директивата за заштита на укажувачите од 2019 година.
Организациите треба да гледаат на ВСУН како на нешто повеќе од законска обврска. Ефективниот ВСУН не само што го штити јавниот интерес, туку придонесува и за заштита на организациите од последиците од несовесното постапување, како што се правна одговорност, нарушен углед и значителни финансиски загуби. Затоа, ВСУН се смета за неопходен во контекст на практиките поврзани со животната средина, општеството и управувањето (ESG).
Транспаренси Интернешнал ја изготви оваа рамка за самооценување со цел да им помогне на организациите во процесот на воспоставување, спроведување и ревидирање на своите внатрешни системи за укажување неправилности, така што тие ќе бидат ефективни и усогласени со најдобрите практики и меѓународните стандарди, со Најдобрите практики за ВСУН во јавни и приватни организации на Транспаренси Интернешнал и со ISO Насоките за системите за управување со укажувањето неправилности. Иако се нарекува рамка за „самооценување“, оваа алатка може да се користи и од трети организации, како што се граѓански организации, државни институции и консултантски тела, за да спроведат детална процена на ВСУН на организацијата, било во соработка со самата организација, или врз основа на јавно достапни податоци.
Публикацијата може да се превземе на следниот линк : https://transparency.mk/wp-content/uploads/2025/10/vnatreshni_sistemi_za_ukazhuvanje_nepravilnosti-ramka_za_samoocenuvanje.pdf




