На 10 декември 2025 година во Скопје се одржа регионалниот форум на тема: „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи на Западен Балкан“.
Форумот ги обедини претставниците на институции, меѓународни и граѓански организации, како и амбасадори од регионот, со цел да разговараат за регионалните перспективи, можности и активности кои треба да се преземат за унапредување на борбата против корупцијата, не само на национално, туку и на регионално ниво.
Меѓу темите за дискусија беа:
- улогата на координираната регионална и меѓународна поддршка во зајакнување на вредностите на доброто владеење;
- отчетноста на јавните институции и трансформирањето на политиките во мерливи и следливи резултати;
- паметно владеење преку употреба на дигитални алатки и вештачка интелигенција во борбата против корупцијата;
- механизми за координација меѓу институциите за отчетност;
- улогата на граѓанското општество и истражувачкото новинарство во промовирањето на транспарентни јавни финансии.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски, беше учесник на панелот посветен на паметно владеење преку дигитални алатки и вештачка интелигенција во борбата против корупцијата. На панелот дискутираше заедно со г. Радослав Настасијевиќ Варџиски, заменик министер за дигитализација на Северна Македонија; г. Ил Булешкај, директор на Агенцијата за превенција на корупцијата од Косово; г. Сергиј Хупјак, заменик-раководител на Националната агенција за спречување на корупцијата од Украина; г-ѓа Мари Малар, експерт за усогласеност и регулатива од Француската агенција за борба против корупција; и г. Роберт Скот Хислет, директор на Националниот демократски институт во Македонија. Овој панел го модерираше г. Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје.
На панелот се дискутираше за примери на дигитални алатки кои овозможуваат зголемена транспарентност и употреба на отворени податоци; како изградбата на силна јавна инфраструктура за транспарентност може да се користи за превенција, спроведување на законот и истраги; употреба на вештачка интелигенција за антикорупциска анализа на законодавството; како и примената на анализа на податоци, препознавање шеми и откривање аномалии за идентификација на ризични однесувања и поддршка на истрагите.
Благоја Пандовски говореше за позитивните и негативните аспекти од употребата на вештачка интелигенција во борбата против корупцијата. Тој ја претстави и новата платформа за отворени податоци- Integrity Watch Платфрома (https://integritywatch.mk/?l=mk), прикажувајќи како јавните информации и отворените податоци може да се анализираат за да се обезбедат увиди за ризиците од интегритет и како овие анализи може да придонесат за идни политички иницијативи и затворање на системските празнини.
Сите присутни претставници се согласија да станат потписници на Декларацијата за заложби за интегритет, антикорупциски напори и регионална соработка на Западен Балкан („Скопска декларација“). Целта на Декларацијата е политичките заложби да се претворат во конкретни, мерливи реформи кои ги зајакнуваат институциите, интегритетот, родовата еднаквост, регионалната соработка и одговорната употреба на вештачка интелигенција, како и да се унапреди напредокот кон членство во ЕУ со јасна сопственост, силен мониторинг и пристап кој поттикнува учење и ги почитува специфичните фази на преговори на секоја земја.




