Integrity Watch платформата за Северна Македонија е платформа со отворени податоци која им овозможува на граѓаните да истражуваат како парите и моќта се пресекуваат во процесите на донесување јавни одлуки. Развиена од Транспаренси Интернешнл – Македонија, платформата обединува клучни сетови на податоци за финансирањето на политичките партии, јавните набавки и експлоатацијата на минерални суровини и хидроелектрани – трите области кои се најранливи на корупција и злоупотреба на јавна функција.
Во својата суштина, Платформата за интегритет ги претвора различните јавни податоци во достапни, пребарливи и споредливи информации. Со само неколку кликови можете да дознаете кој ги финансира политичките партии и кои компании добиваат јавни договори и концесии.
Платформата им овозможува на граѓаните, новинарите, истражувачите и креаторите на политики да видат:
- како се финансираат политичките партии, вклучително и изворите на донации од поединци и приватни субјекти;
- како се трошат јавните пари, односно коj добива јавни договори и концесии.
Одржувањето на политичкиот интегритет претставува моќна алатка за обезбедување отчетност на владите. Одговорноста на високите функционери, ставањето на јавниот интерес пред приватниот при извршувањето на политичката власт и дејствувањето за општо добро треба да бидат приоритет при креирањето на политики, стратегии и застапнички активности за ефикасна борба против корупцијата.
Целта на платформата е да ја зголеми транспарентноста и да го подобри пристапот до информации, овозможувајќи следење на потенцијални судири на интереси, нелегални влијанија и корупција.
Платформата ви овозможува да ги филтрирате и истражувате податоците на интуитивен начин. Во рамките на секој дел, кога ќе кликнете на некој елемент од графикон — на пример, столб во графикон или парче од пита — податоците ќе се филтрираат врз основа на тој избор, а сите други графикони ќе се ажурираат соодветно, прикажувајќи ги само записите што одговараат на избраните филтри.
Покрај оваа функционалност, можно е и користење на полето за пребарување на дното за филтрирање на таблите (dashboards) според текстуален внес — на пример, името на компанија или организација поврзана со податоците од конкретниот дел. Со кликнување на копчето „Ресетирај филтри“ во долниот десен агол, филтрите се ресетираат, а таблите се освежуваат и враќаат во нивната почетна состојба.
Сите податоци на Платформата се на македонски јазик.
ПОДАТОЧНИ СЕТОВИ НА ПЛАТФОРМАТА
Финансирање на политичките партии – Кој ги плаќа партиите?
Изборните кампањи чинат пари. Но кој ги плаќа сметките, и што добива за возврат? Нашите податоци ги следат пријавените донации, приходи и расходи на политичките субјекти и кандидати – почнувајќи од 2021 година – за да можете да видите како се движат парите, особено во периодот околу изборите.
Според законот, политичките партии имаат право да добиваат средства од државниот буџет за редовно извршување на своите активности и за поддршка на нивното учество на избори. Политичките партии се должни да ги објавуваат своите финансиски извештаи, кои треба да се доставуваат до различни институции во различни временски периоди и истовремено да бидат објавени на нивните веб-страници. Сепак, дел од партиите не ги објавуваат јавно овие информации на своите веб-страници, а кога тоа го прават, најчесто не е во отворен и пребарлив формат.
Финансирање на политичките партиите
Според законот, политичките партии имаат право да добиваат средства од државниот буџет за редовно извршување на своите активности. Други извори на финансирање на партиите се приватните донации и членарините. Тука можете да најдете информации за примени финансиски средства од државниот буџет, членарини и приватни донации за редовното работење на партиите.
Трошоци
Во Северна Македонија редовно се одржуваат избори на национално и локално ниво. Оваа база на податоци содржи информации за двата најнови изборни циклуси – парламентарните и претседателските избори одржани во 2024 година. Дознајте колку пари потрошиле политичките партии за изборите и кои се најчестите трошоци во текот на кампањата.
Донации
Политичките партии се финансираат не само преку јавни средства, туку и преку приватни донации – и за нивното редовно работење, и за изборните кампањи. Во овој дел можете да ги прегледате донациите што партиите ги примиле во периодот од 2021 до 2024 година. Исто така, можете да најдете информации за донациите за редовното работење, како и за претседателските и парламентарните избори одржани во 2024 година. Во овој дел можете да видите колку донации добиле партиите, кои се најголемите донатори и колку пари се донирани за изборните кампањи.
Јавни набавки – Каде одат вашите пари од данокот?
Јавните институции во Македонија секоја година трошат стотици милиони преку постапки за јавни набавки, а сепак, поради техничките потешкотии при проверката на сите податоци, поголемиот дел од граѓаните не знаат кој ги добива тие договори и зошто. Платформата ги визуализира овие тендери – почнувајќи од 2021 година – и ви помага да видите кои компании постојано добиваат јавни договори, колкави се тие договори, од кои институции доаѓаат и дали постојат потенцијални поврзаности на јавни функционери со тие договори или компании. Иако системот за јавни набавки во последните години е зајакнат, и во Македонија и во земјите од Западен Балкан, сепак и понатаму се откриваат неправилности и ризици од корупција.
Платформата дава информации за склучени договори за јавни набавки за минстерствата.
Во 2024 година беше направено реименување на дел од министерствата, а беа формирани и нови министерства.
Следните министерства беа преименувани:
- Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците во Министерство за односи меѓу заедниците
- Министерство за надворешни работи во Министерствоо за надворешни работи и надворешна трговија
- Министерство за економија во Министерство за економија и труд
- Министерство за социјална политика и труд во Министерство за социјална политика, демографија и млади
- Министерство за култура во Министерство за култура и и туризам
- Министерство за информатичко општество и администрација беше трансформирано во две министерства: Министерство за јавна администрација и Министерство за дигитална трансформација
Новоформирани министерства:
- Министерство за спорт
- Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
Тука ќе најдете информации за: компаниите што добиваат јавни тендери, вредноста на договорите, постапките што се користени при доделување на договорите, тендерите доделени на компании поврзани со јавни функционери, како и други предупредувачки знаци поврзани со трошењето на јавните средства.
Експлоатација на минерални суровини и хидроелектрани – Кој ги експлоатира нашите ресурси?
Отворените податоци и лесниот преглед на доделените концесии се неопходни за информирање на граѓаните и сите засегнати страни за ова важно прашање. Отвореноста на овие податоци има јасна важност поради економските и еколошките последици што ги носат овие одлуки. Податоците од надлежните институции во овие области се ограничени, а граѓаните немаат јасна претстава за тоа како овие договори влијаат врз економијата и животната средина – позитивно или негативно. Доделувањето на концесиите сè уште не е доволно транспарентно и постои потреба од зајакнување на надзорот врз процесот на нивно доделување. Со зголемување на отвореноста на овие податоци ќе се засили надзорната улога на граѓаните, медиумите и граѓанските организации, што ќе овозможи поставување прашања во оваа област и создавање подобри политики и одлуки.
Оваа Платформа е развиена во рамките на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓански организации во борбата против корупцијата со податоци за политичкиот интегритет“, финансиски поддржана од Европска Унијa и регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан кој е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.




