- Дискреционите овластувања се огромна моќ во рацете на вршителите на јавни функции кои особено се користат при вработувања, назначувања, избори, надоместоци, градежни дозволи.
- Актуелната власт од првиот ден бомбардираше со ветувања дека тие ќе се намалат, но и по 6 години ништо не е сменето.
- Експертите тврдат дека проблемот со дискреционите овластувања го нема на ниедно друго место за да споредиме со нашиот пример.
„На ова општество му треба транспарентност и меритократија. На граѓаните им треба да знаат и да видат со свои очи дека заслужните одат напред, а не луѓе со конекција до функционер кому му е оставено полно право сам да одлучува за тоа кој ќе добие позиција и државна плата без никаква заслуга, знаење итн“. Овој пост на поранешниот вицепремиер за борба против криминал и корупција Љупчо Николовски, со кој тој најавува кратење на широките дискрециони овластува на функционерите е од 2020 година. Оттогаш поминаа две и пол години, еуфоријата спласна, се стишија најавите дека во Владата има политичка волја за ограничување на овластувањата, а функционерите продолжија да ги практикуваат дискреционите привилегии.
Очекувањата на граѓаните останаа исти и денес, а реалноста која ја критикува Николовски не е променета.
Граѓаните никогаш не ги видоа најавуваните промени
До антикорупциската комисија редовно стигнуваат поплаки и жалби од граѓани дека се фаворизирале одредени кандидати при вработувањата во државната служба. Претседателката Билјана Ивановска вели дека имало случаи кога бил избран последно рангираниот кандидат со најмалку поени, а отпаднал првиот.
Изборот кој ќе биде вработен е меѓу дискреционите права на директорите кои „селекцијата“ ја прават по интервјуто кога субјективно се дава предност на кандидатот по партиска или пријателска блискост, објаснува Ивановска.
„Од работата по предметите сме увиделе дека многу малку речиси никаде не се прават ранг листи. Агенцијата за вработување прави ранг листи, но јас зборувам за јавните претпријатија, во тие случаи ретко има ранг листа и кога на ранг листа ќе се најде некој на добра позиција, тогаш следува интервјуто како механизам да се прими тој што е наредено да се прими и во тој случај се злоупотребува дискреционото право на одлучување“, вели Ивановска.
Експертите не се изненадени што функционерите не си стојат на зборот за кратење на дискреционите права, бидејќи тие реално им ја зајакнуваат позицијата и моќта и законски им го гарантираат правото да го имаат последниот збор (кој од пријавените кандидати ќе го примат на работа, колку советници ќе имаат, колкав ќе биде паричниот надоместок на членовите во владините одбори, кој објект ќе се урива, а на кој ќе му биде продолжен рокот за градење и т.н).
Од избор на советници, до висина на надоместоци – какви привилегии имаат функционерите
Група експерти ги анализираа дискреционите овластувања кои ги тангираат вработувањата и составија листа со најпроблематичните привилегии на функционерите кои најчесто се злоупотребуваат.
Членови од овие закони се спорни во однос на дискреционите права (Извор: Дискрециони овластувања во општото законодавство кое го регулира вработувањето)
На врвот на листата е дискреционото право на секој член на Владата да вработи по неколку свои политички советници. Министрите и премиерот самите одлучуваат за професионалниот бекраунд и за бројот на советници. И заменикот на министерот може да си ангажира советници – со единствено „ограничување“ – да не вработи повеќе од министерот. Со злоупотребата на ова дискреционо право се случуваше бројот на советници да биде поголем и од бројот на министри во владиниот тим. Понатаму, Владата нема ограничување за тоа како, кога и под кои околности може да вработи луѓе во институциите на јавната админстрација преку Агенцијата за вработување или привремено, да го одреди периодот на вработување и содржината на јавниот оглас. Дозволено е и вработување без јавен оглас, но само во итни случаи. Сепак, нема критериуми со кои би се утврдило кои случаи се итни, а и нема кој да ја проверува итноста.
Дискреционо право на Владата е номинација и разрешување директори на органите на државната управа, државни секретари, генерални секретари и други службеници, но и формирањето на стручни служби, совети, одбори и комисии. Изборот на сите членови во овие тела е без конкурс, нема јавни критериуми за квалификација, а Владата е таа која одлучува дали членувањето ќе биде платено и во колкав износ.
Владата пресекува и кога со директорите склучува менаџерски договори, а ја утврдува и висината на надоместоците кои им следуваат на функционерите и раководителите кои таа ги назначува како дневници за службени патување, трошоци за користење на сопствено возило, за одвоен живот од семејството, за селидба, користење на годишен одмор.
Има премногу дискрециони овластувања и тие се злоупотребуваат – вели претседателката на ТИ Македонија Слаѓана Тасева, која открива и други начини кои властите ги користат за да се заобиколат законите.
„Постојано се прават анализи кои се и каде се точките за дискрециони овластувања кои што претставуваат ризик од корупција. Затоа што и тогаш и денеска, за дискрециони овластувања зборуваме само од аспект на можност на злоупотреба. Ако на некого му е дадено едно право со закон, дали тоа може да биде злоупотребено , не случајно ни стана тоа тема, затоа што се дојде до сознание дека се злоупотребуваат таквите права и таквите овластувања заради остварување на некои интереси и цели – кои што можат да бидат поврзани со интересни групи, со бизнис или со политика. Во делот на вработувањата анализата ја правевме во соработка и за потребите на Антикорупоциската комисија и таму се оцени дека има премногу дискрециони овластувања, посебно во делот на склучување на договори, в.д. позиции, в.д. функции кои со години остануваат како вд извршители, начинот на кој се одлучува кои кандидатите ќе бидат вработени“, вели Тасева.
Партиските раководителите, предводници на партизираната администрација
Но, и покрај критиките за партизираност на администрацијата со што се нарушува довербата во системот, власта тешко се откажува од политичкото влијание во вработувањањата и тактизира со носењето на законот за висока раководна служба за професионализацијата на повисоките ешалони. Законот неколкупати се предлагаше, се повлекуваше и се враќаше на доработка – во меѓувреме се сменија тројца министри за администрација, а тој сѐ уште не е доставен до Собранието на изгласување, со што се пропушти шансата администрацијата да се заштити од партиските наредби.
Членови од овие закони се спорни во однос на дискреционите права (Извор: Дискрециони овластувања во општото законодавство кое го регулира вработувањето)
Ивановска вели дека Владата сѐ уште не може да се ослободи од мислата дека не смее да има влијание при вработување на директорите. „Ако тој канал се пресече и оние што бираат се ослободат од партиски директиви, тие ќе сакаат во својот тим да имаат стручни луѓе“, вели Ивановска.
Тасева апелира да се применува мерит систем и да се бара исполнување на критериуми и кога изборот на директори и раководители е сведен на дискреционо право.
„Манифестирањето на дискреционата моќ не е ништо друго освен политичко влијание. Според мене зашто што начинот на кој се бираат директорите на раководните позиции е врз основа на партиски договори. Сами знаете дека кога имаме реконструкција или формирање на влада вестите започнуваат како одат преговорите, кој колку директорски или заменички места ќе добие, што значи дека врз основа на негативна селекција, односно селекција не на оној кој што е најдобар, туку оној што е партиски подобен, ние доаѓаме во амбиус зашто што не обезбедуваме одржливост на оваа држава со квалитетни кадри. Ние укажавме дека час поскоро треба да се направат измени во законот за раководна служба, значи да бидат професионалци тие што ќе ги бираат, тие не смеат да добиваат партиски директиви. Ако тој канал го пресечеме, тогаш тие ќе сакаат во својот тим да имаат стручни луѓе“, објаснува Ивановска.
„Најважно од сѐ е дека тоа не може да биде дискреција, па дури и на владата туку треба да биде засновано на критериуми и на мерит процеудри во кои ќе се утврди компетенција на оној што ќе биде назначен на определена функција. Имаме директори со несоодветно образование, има и инспектори со несоодветно образование, дискрециони се и одлуките да се врши промена на систематизација, кој ја носи таа одлуката зошто толку често се носи, како тоа може постојано да се менува. Мора да има транспаретност и одговорност“, истакнува Тасева.
Со „може“ – правилата се прилагодуваат на приватни интереси
Освен при вработувања, дискреционите права се шират и во издавањето на лиценци, дозволи, концесии во животната средина, цртањето на урбанистички планови, издавањето на дозволи за градење и уривање на објекти. Во сите овие закони најчесто употребуван збор е „може“, и наместо стриктно применување на правила и норми, носењето на одлуките се сведува на субјективна желба.
Такви се дискреционите права во Законот за градење со кои инвеститорите дури и оние кои градат објекти од прва категорија МОЖАТ да уплатат банкарска гаранција. Аналогно на ваквиот речник, за нив не следуваат никакви казни и ако тоа не го сторат.
Дискреционите права се особено изразени во градежништвото (Извор: Дискрециони овластувања во законодавството кои регулираат издавање различни видови лиценци и дозволи во областа на животната средина)
Ризик од корупција има и во роковите за градба. Надлежниот орган, МОЖЕ рокот за градење од десет години да го продолжи за уште дополнителни пет години. Освен дека барањето за продолжување на рокот го доставува инвеститорот, не е дефинирана постапка ниту критериуми кога би требало да има продолжување на рокот, туку сѐ е оставено на волјата на еден човек.
Слабости има и во законските постапки за изработување и донесување урбанистички планови, што се задолжителни при донесување какви било урбанистички планови или урбанистички проекти. Тие МОЖЕ да се изменат со дискреционо право на министерот за транспорт кој по своја волја пропишува правила и ги менува.
Проблематично е и дискреционото право на Владата и на Градот да одлучат да му да го отстапат правото да гради на физичко или правно лице на земјиште кое е во државна или општинска сопственост. За да донесат ваква одлука тие не мора да имаат мислење дури ни од Државниот правобраниел. Целата постапка ја завршува Комисијата за спроведување, која пак е формирана од истиот орган кој ја донел одлуката за трансфер на правото на градење.
И формирањето на другите комиси не е дефинирано. На пример, за комисиите за урбанизам – не е утврдена постапката за именување на членови и за изборот одлучува само градоначалникот. Членовите на овие комисии потоа за одреден финансиски надомест, вршат стручни работи во постапките за изработка и доставување на урбанистички планови. Од волјата на градоначалникот зависи и дали ќе се формираат партиципативните тела кои треба да обезбедат вклученост на јавноста и надзор врз содржината на урбанистичките планови.
Градоначалниците и министрите имаат дискреционо овластување и при изборот на стручната комисија за измени или авторизација на урбанистичкиот план.
Со вака наталожени дискрециони права – граѓаните се ставаат во позиција да зависат од волјата на властите на сите нивоа наместо тие да бидат во нивна служба. Колку овие права ќе се злоупотребат, сепак зависи од интегритетот на функционерите и колку тие се водат од јавниот интерес – коментираат Тасева и Ивановска.
„Ние често имаме проблем да објасниме добро во што е проблемот. И кај нас лицата кои се на тие позиции имаат право да донесат ваква одлука затоа што не можеме поинаку да функционираме. Ама таму кога се носи одлука се внимава и на јавниот интерес, се внимава и на потребата за определна одлука, кој ефект треба да биде постигнат значи се внимава на сите аспекти. Проблемот со дискреционите овластувања го немаме на друго место да го споредиме со нашиот за да кажеме таму вака ги уредиле дискреционите“, истакнува Тасева.
„Јас до последно ќе се залагам дека државата има капацитет и може сама да си ги среди работиите, но има само еден мал проблем, а тоа е политичарите да сфатат дека политиката треба да се тргне настрана, да ги тргне рацете од професионлната работа, да креира принципиелни политики кои ќе обезбедат еднаквост за сите и така бенефит ќе имаат и политичарите и граѓаните вака бенефит имаат само одредена група на луѓе“, додава Ивановска.
Транспарантеноста на Владата заврши со молк
Дискреционите права се најдоа на дневен ред на една од првите седници по формирањето на Владата, во септември 2017 година, кога министрите ја усвоија анализата на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции. Ова требаше да биде знак дека новата влада ќе се насочи кон ограничување на широките дискрециони функционерски права, но од многуте закони кои се најавија дека ќе се менуваат измени имаше само во Законот за јавни претпријатија за намалување на бројот на членови во управните и надзорните одбори но новиот начин на избор допрва почнува да се применува.
На прашањата на Само прашај, каде заглавија ветувањата и дали работната група за кратење на дискреционите права конечно е формирана, од Владата не добивме одговор. Прашањата беа испратени до Секторот за комуникации, но од таму на ниту едно од четирите прашања не испратија коментар.
Поради ваквиот однос нејасно е дали владата целосно крена раце од најавите за ограничување на дискреционите права, кои како ветување исчезнаа и од последната владина програма.
Анализата на дискреционите права и овластувања во делот на вработувањата, здравството и при издавањето дозволи и лиценци поврзани со животната средина со препораки за нивно ограничување или укинување, изработен како дел од ИПА проектот за реорганизација на државната администрација е доставен до сите надлежни министерства. Индивидуална акција за прифаќање на дел од препораките засега нема.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Петрушевска-ПоповскаСнимател: Наке БатевМонтажа: Фани Гошевска Живковиќ