Транспаренси Интернешнл-Македонија денеска одржа настан за презентација на Националниот систем за интегритет на Република Северна Македонија.
Настанот го отвори почесната претседателка на Транспаренси Интернешнл-Македонија, г-ѓа Слаѓана Тасева која објасни дека извештајот беше работен во изминатите две години, односно 2022 и 2023 година, во рамки на проектот ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција, кој е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Заменик Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, г-дин Бен Нупнау и Амбасадорката на Швајцарија, Н. Е. Вероник Хулман ја истакнаа важноста на резултатите од овој извештај, а исто така потенцираа дека истиот е од големо значење за борбата против корупцијата.
Досегашната претседателка на ТИ-Македонија ја искористи можноста да го најави и новоизбраниот претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија, г-дин Благоја Пандовски, кој посочи дека со голема чест и задоволство ја презема претседателската улога на ТИ-Македонија.
Г-ѓа Слаѓана Тасева останува член на Управниот одбор на ТИ-Македонија и е избрана за почесен претседател.
По отворањето на настанот, г-ѓа Тасева ги презентираше резултатите од Националниот систем за интегритет. Taa потенцираше дека македонскиот систем за национален интегритет продолжува да се карактеризира со доминација на извршната власт и слабоста на другите клучни институции. Извршната и законодавната власт се особено силни во однос на нивниот капацитет, но слаби во однос на антикорупцијата и потребата да се подобри нивното внатрешно управување.
Тасева меѓу другото ги истакна и најслабо и најдобро оценетите столбови. Најслаби столбови во македонскиот систем за интегритет се оние од кои се очекува да бидат водечки институции: Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство и судството.
Најдобро оценети столбови според извештајот на Транспаренси Интернешнл-Македонија се Државниот завод за ревизија и Државна комисија за спречување на корупција. Последниот дел од настанот беше посветен токму на нив.
Претседателката на Државна комисија за спречување на корупција, г-ѓа Билјана Ивановска ја посочи важноста на интегритетот, ја потенцираше транспарентноста на Државната комисија за спречување на корупција, а воедно истакна дека ДКСК ги има исполнето препораките дадени во претходниот Национален систем за интегритет, кој беше објавен во 2016 година.
Последен говорник на настанот беше г-динот Максим Ацевски, главен државен ревизор, кој ги презентираше методолошките акти за превенција од корупцијата, политиката за интегритет, како и останати документи и акти кои ги потврдуваат резултатите и транспарентноста на Државниот завод за ревизија.
Национален систем за интегритет – оцена за Република Северна Македонија