Низ регионот, ограноците на Transparency International и партнерите ги поддржуваат храбрите укажувачи, кои се соочиле со одмазднички дејствија поради откривањето на злоупотреби. Тие ги употребуваат нивните случаи за пропагирање на подобри закони и нивно ефикасно спроведување, што би придонело за безбедно пријавување од страна на граѓаните.
Во 2020 година, Миленко Јовановиќ, главен воздушен контролор во Агенцијата за заштита на животната средина на Србија, јавно се спротивстави на Агенцијата, која сакаше да ги измени критериумите за оценка на квалитетот на воздухот, обидувајќи се да го скрие вистинското ниво на загадување и да го прикаже како помалку сериозно. Со тоа би се спречило Белград, главниот град на Србија, да биде рангиран меѓу најзагадените градови во светот. Но, непосредно откако Јовановиќ гласно прозборе, доби отказ.
Агенцијата тврдеше дека тој бил отпуштен поради недоволно одржување на станиците за мерење на квалитетот на воздухот. Откако Високиот суд во Белград одлучи дека Јовановиќ треба да се врати на своето работно место, директорот во меѓувреме ја укинал неговата позиција во Агенцијата. Не можејќи да се врати на својата работна позиција, тој се обратил за помош до Центарот за правно советување (ALAC) на Transparency International во Србија.
ALAC центарот е дел од мрежа предводена од главните канцеларии и партнерите на Transparency International низ Западен Балкан, којашто нуди бесплатна и доверлива правна поддршка на граѓани кои откриваат незаконитости – кои покрај пасивното обвинителство и неефикасен правосуден систем, често се изложуаат на ризик. Центрите за правна помош користат докази од случаеви за да пропагираат во правни и културни промени и да се промовира транспарентност и борба против корупцијата.
Слабата заштита на укажувачите: регионален неуспех
Ефективната заштита на укажувачите е суштинска за откривање на корупција. Потребно е луѓето да се чувствуваат безбедни за да говорат кога се соочуваат со неправилности – сепак неуспехот да се заштитат укажувачите е проблем ширум Западен Балкан. Регионалниот извештај за Националните системи за интегритет на Transparency International покажува слабости и празнини во законодавството за укажувачите. Малку земји во регионот ги исполнуваат стандардите потребни според Директивата за заштита на укажувачите на ЕУ од 2019 година – која е услов во процесот на пристапувањето кон ЕУ.
Дури и таму каде што постојат ефикасни закони за заштита на укажувачите, нивната имплементација често е слаба, а јавната свест за правото да се откриваат неправилности е на ниско ниво. Во Србија, лошиот третман на укажувачите како Јовановиќ довел до намалување на бројот на пријави од укажувачи, но истовремено неговиот случај покажа како откривањето може да доведе до позитивни промени.
Истражувајќи подетално, вработените во ALAC центарот осознаа дека в.д. директорот на Агенцијата бил еден од многуте високи јавни службеници кои биле именувани незаконито од страна на Владата, без фер процес при вработувањето. Од 2015 година, в.д. директорот бил именуван 20 пати, иако законското ограничување било само шест месеци. Во 2021 година, ALAC центарот го пријавил овој начин на работење до Јавниот обвинител. На крај, во 2023 година, Административниот суд решил дека Владата не може повторно да го назначи директорот, квалификувајќи го отпуштањето на Јовановиќ како незаконито. ТИ Србија оттогаш оспори уште 50 вакви именувања на суд, дури и поднесе барање за нивно поништување во половина од случаите.
Од “шпиони” до шампиони: преобразување на укажуачите
Ширум Западен Балкан, властите ретко се справуваат на правилен начин со случаи на укажувачи како што е случајот со Јовановиќ. Регионалниот советник на Транспаренси Интернешнл, Лидија Прокич посочи дека Јавно обвинителскиот систем често ги игнорира злоупотребите коишто ги откриваат укажувачите, понекогаш дури и ги истражуваат самите укажувачи, наместо престапот којшто тие го посочиле, додека судскиот систем е бавен и пропратен со минорни прекршоци. Некои случаи на откривање на злоупотреби остануваат неразрешени со години, а сериозните случаи вклучувајќи високо позиционирани носители на одлуки најчесто остануваат неказнети.
Во Босна и Херцеговина, службеникот во даночната управа Емир Мешиќ во 2018 година пријавил корупција поврзана со приходите од царината до обвинителството. Националната агенција за антикорупција, APIK, му дала статус на заштитен укажувач, но надлежните не презеле ништо по неговата пријава. Чекајќи скоро две години, Мешиќ одлучил јавно да зборува за корупцијата која ја открил – но со тоа само се изложил себеси на одмазднички постапки. И покрај заштитениот статус на укажувач, Мешиќ беше деградиран и суспендиран од Даночната управа, па се обрати до Transparency International Босна и Херцеговина за помош.
Пред да му обезбеди целосна правна поддршка, АЛАК центарот се обрати со барање до APIK да го заштити Мешиќ, за да може да ги образложи одмаздничките постапки пред судот. Како одговор, Даночната управа тврдеше дека тој и наштетил на угледот и затоа го отпуштиле во 2021 година. Додека судскиот спор беше во тек, Обвинителството одлучи да не ја истражува првичната кривична пријава на Мешиќ за корупција – вакви слични одлуки се документирани во НИС извештајот за Босна и Херцеговина. Мешиќ за оваа одлука има поднесено жалба пред Европскиот суд за човекови права, поддржана од Transparency International Босна и Херцеговина.
Стравот од одмазди преовладува
Извештајот на Transparency International за Националните системи за интегритет (НИС) го истакнува стравот од одмазди како главна пречка која ги спречува луѓето да известуваат за неправилности. Во регионален политички контекст, ги одвраќа луѓето од откривање на корупција, но потребно е да се посочи дека укажувачите се од суштинско значење за да сигнализираат кога се трошат државни пари за приватна корист.
Во Црна Гора, каде што укажувачите се често изложени на одмазди, Агенцијата за спречување на корупција (АПК) ретко им нуди заштита. Дури и внатре во АПК, укажувачите не се безбедни. Во 2023 година, Душан Дракиќ, шеф на одделот за политички финансии, беше суспендиран заедно со девет колеги откако откри малверзации со средства во кои била вклучена директорката на агенцијата, Јелена Перовиќ. Партнерската организација на Transparency International во Црна Гора, MANS, го поддржа Дракиќ да поднесе кривична пријава против Перовиќ. АПК тврдееше дека суспензиите се поради административни спорови и одби да му признае на Дракиќ заштитен статус на укажувач. Откако Перовиќ конечно беше уапсена во 2024 година поради сомневања за незаконско трошење, таа дури ги нарече укажувачите “шпиони”. Иако вработените кои гласно зборуваа останаа суспендирани, случајот ја зголеми јавната и медиумската свест за виталната улога на укажувачите во одржувањето на интегритетот.
Застапување засновано на докази за ефективни закони за укажувачи
Заради подобрување на состојбите, препораките во НИС извештајот за балканските држави се насочени кон усогласување на своите закони за заштита на укажувачите со Директивата на ЕУ, за да опфатат пријави за било каков прекршок на законот кој го загрозува јавниот интерес. Овие закони треба да содржат мерки кои ќе гарантираат нивна ефикасност, вклучувајќи правни лекови и помош за укажувачите кои се соочуваат со одмазда, како и одвраќачки казни за било какви нарушувања на заштитата на укажувачите.
ALAC центарот на Transparency International во Северна Македонија искористи истакнат случај за промовирање на ефикасен закон за заштита на укажувачите. Во 2022 година, познатиот филмски режисер Милчо Манчевски се обрати во ALAC центарот за да укаже на конфликти на интереси во Агенција за филм при спроведување на Конкурс за финансирање на филмски проекти. Истражувањата на ALAC центарот ги потврдија неговите укажувања, при што беше одржана прес-конференција во 2023 година на која беа укажани неправилностите. Дополнително и Државната комисија за спречување на корупција посочи на неправилности во Агенцијата. Кога Агенција за филм одговори со одмазда, поднесувајќи кривична пријава против Манчевски и ги стопираше веќе доделените финансиски средства, ALAC центарот му даде поддршка на Манчевски следејќи го судскиот процес.
Иако Владата го разреши директорот на Агенцијата за филм по укажувањата на Антикорупциската комисија, случајот на Манчевски сè уште е активен и после две години. Како дел од работната група, подготвувајќи го новиот национален Закон за заштита на укажувачите, ТИ-Македонија предложи продлабочена содржина на заштитни мерки делумно засновани на ваквите случаи на укажувања како на Манчевски.
Добро скроените закони мора ефективно да се спроведуваат
Иако законодавството на Косово веќе е усогласено со Директивата на ЕУ, укажувањето сè уште е помалку познат концепт и оние кои ги обелоденуваат неправилностите можат да се соочат со непријатни ситуации. Во 2023 година, јавен службеник достави анонимна пријава до ALAC центарот на Демократскиот Институт на Косово (KDI), опишувајќи коруптивна постапка за регрутирање во институцијата во којашто работи. Истражувајќи ALAC центарот откри многубројни нарушувања на закони од работните односи па, поднесоа претставка до Инспекторатот за труд и му помогнаа на укажувачот (кој сака да остане анонимен) да реагира против пристрасното именување. Од страна на Инспекторатот беа потврдени неправилности и ѝ нареди на институцијата да го повтори огласот. Укажувачот беше избран врз основа на своите квалификации, но во 2024 година институцијата започна дисциплинска постапка против него, која продолжи во суд со правна поддршка од ALAC центарот.
Случајот предизвика дебата во Косово, покажувајќи ја можноста за индивидуалците да ја поддржат позитивната промена преку откривањето, обезбедувајќи критичка јавна маса. Но исто така покажува дека добро скроените закони мора ефективно да се спроведуваат за да бидат ефикасни – вклучувајќи активна заштита на укажувачите преку целиот процес на пријавување.
Од поединечни случаи до регионални промени
Ширум регионот на Западен Балкан, случаи како овие ја збогатуваат културата на укажувањето во борбата со корупција, охрабрувајќи ги луѓето да известуваат за неправилности и да ги заштитуваат своите права. Од обезбедување на правна помош до информативни кампањи, застапување, соработка во коалиции и работни групи и давање на препораки, Transparency International и неговите партнери ја покажаа својата посветеност дека кога граѓаните гласно ќе зборуваат, нивните пријави ќе се спроведуваат, а законот ќе ги заштитува од одмазди.
Во меѓувреме, АЛАК центрите во регионот ќе продолжат да бидат на страната на укажувачите, истовремено лобирајќи за системски промени коишто ќе го поддржат ширењето на културата на укажувањето. Ова ќе им овозможи на луѓето безбедно да ја откриваат корупцијата, знаејќи дека располагаат со правна заштита и јавна поддршка.
Transparency International и нашите партнери во регионот на Западен Балкан ги поддржаа укажувачите во овие случаи преку проектот “Промовирање на активно учество на граѓаните за борба против корупцијата во Југоисточна Европа” (ACE), финансиран од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Auswertiges Amt). Под рамките на проектот, АЛАК центрите водени од нашите ограноци и партнери примиле повеќе од 4,000 пријави од граѓани и спровеле кампањи и застапувања на национално и регионално ниво за промоција на ефикасни мерки против корупција и заштита на укажувачите во целиот регион.
Source: Making the Western Balkans safe for whistleblowers