Во 2024 година, Транспаренси Интернешнл-Македонија го подготви третиот по ред Национален систем за интегритет (НСИ) како дел од проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. Националниот систем за интегритет (НСИ) ги опфаќа главните институции за управување во земјата кои се борат против корупцијата. Во рамките на оваа анализа се оценуваат 15 столбови.
Државната комисја за спречување на корупција е второрангирана институција во рамките на Националниот систем за интегритет со вкупна оцена од 72.9 поени.
Оцената за капацитет изнесува 68.75. Истата се состои од оцена за ресурсите и независноста на институцијата.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) е независна институција чија функција е уредена со Законот за спречување корупција и судир на интереси (ЗСКСИ) од 2019 година. Институцијата е финансирана од државниот буџет. Независноста на институцијата и финансиските и човечките ресурси за нејзиното функционирање се зголемени во согласност со нејзините нови компетенции, сепак дел од систематизираните работни места остануваат непополнети и постои висока зависност од финансирање од донатори за обука на персоналот.
Оцената за управување изнесува 83.3 и се однесува на транспарентноста, отчетноста и интегритетот.
ЗСКСИ од 2019 година воведува нова и транспарентна постапка за избор на претседател и на членови на ДКСК. Институцијата транспарентно ја извршува својата работа и ја известува јавноста за своите активности преку различни средства.
ДКСК е одговорна пред Собранието преку доставување годишен извештај и други тематски извештаи како што се посебните извештаи по избори, а дополнително и годишните извештаи за спроведување на законот за пристап до информации. Сите овие извештаи и други подробности релевантни за работата на ДКСК навремено се објавуваат на нејзината веб-страница (dksk.mk).
Постојат сеопфатни одредби за да се осигури интегритетот на институцијата.
Оцената за улога изнесува 66.7 и вклучува оцена за превенција, образование и истраги поврзани со борбата против корупцијата.
Во последните четири години ДКСК презема проактивна улога во борбата против корупцијата. Нејзината отвореност и транспарентност придонеле кон зголемен број пријави доставени од граѓаните и од медиумите. Сепак, нема последователни активности од другите релевантни органи.
- ДКСК треба:
- да ангажира повеќе персонал за да го пополни тековниот недостиг од човечки ресурси
- да го подобри капацитетот за истражување и анализа на изјавите за имот и интереси, како и други области со ризик од корупција
- да спроведат механизмите што недостасуваат за постапување со ризиците од судир на интереси идентификувани во внатрешната оцена на ДКСК
- да воспостави механизам за граѓаните да поднесуваат жалби против ДКСК и да се воведат комисии на граѓани за контрола, за поголема отчетност на институцијата
- да спроведат родово одговорни протоколи и упатства за внатрешни и надворешни механизми за жалби и да се изготвуваат податоци поделени по пол за таквите жалби
- Јавно обвинителство треба:
- да воспостави работни односи со ДКСК за да се зголеми разбирањето на нивните постапки кога се работи на предмети поврзани со корупција и да се развијат капацитети за поддршка на истрагите
- Влада треба:
- да воспостави механизам во Генералниот секретаријат на владата за натамошни активности за наодите и препораките на ДКСК во случаи на утврден судир на интереси, непријавен имот или недоставени изјави за имот и да се повикуваат високите функционери на одговорност.
Ова видео е подготвено во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.