02.01.2007 Случаите „Бачило“ и „Оружје“ ја одбележаа изминатата 2006 година во Македонија во поглед на корупцијата и борбата против. Вака решија 19 главни уредници на национални медиуми кои учествуваа во третата годишна анкета на Независната новинска агенција „Макфакс“ и на невладината организација „Нулта корупција“. Случајот „Бачило“, кој влече корени уште од 2004, со сета своја жестина се појави на почетокот на минатата 2006, кога стигнаа правосилните пресуди за исплата на над 700 илјади евра државни пари, на име на отштета на овчарот Иснифарис Џемаили. Во судска постапка полна со пропусти, особено во поглед на заштита на државниот интерес, било докажано дека Македонија во 2001 му убила 900 овци на Џемаили и му уништила над 1000 канти сирење. За овој настан како најкоруптивен во 2006 гласаа 13 од 19-те главни уредници колку што учествуваа во анкетата. |
На второ место, со 9 гласови во рубриката „матно“, се пласираше аферата „Оружје“ од крајот на 2006 – случај на одлевање на ново оружје од магацините на АРМ преку одлуки на Влада, Министерство за одбрана и Генералштаб, иако тие одлуки се однесуваат за старо и непотребно оружје.
Со 8 гласа „за“, уредниците на националните медиуми во Македонија решија дека трет коруптивен настан што ја одбележа 2006, е аферата „Фи-Ком“ – случај на градежна мафија во кој стотици граѓани беа измамени од сопствениците на компанијата, која еден неизграден стан го продавала повеќепати. И во случајот „Оружје“ и во случајот „Фи-Ком“, директните штети се проценуваат во милиони евра. Повеќе гласови и високо на листата коруптивни настани за 2006 добија и случаите „Бачило 3“ , Градежна мафија и опструкција на дел од градоначалниците во борбата против“, случајот „Фабрика“ и други. Во рубриката „бистро“, односно најсветли настани во борбата против корупцијата, на прво место се пласираше откривањето на аферата „Оружје“ од страна на МВР. За овој настан гласаа 12 од 19-те главни уредници на национални медиуми во Македонија. Полицијата го објави откривањето на нелегален транспорт на оружје во кој се вмешани и високи функционери од Генералштабот на АРМ. Три лица се наоѓаат во притвор, а истрагата продолжува во насока на откривање на сите детали и на сите лица вмешани во оваа афера, која се протега во текот на целата 2006 година. На второ место во борбата против корупцијата се пласираше откривањето на поврзаноста меѓу „Бачило 1“ и „Бачило 3“, за што, гласаа 8 од 19-те уредници. Станува збор за започнување на истрага во врска со поврзаноста на случаите за исплата на отштета на Иснифарис Џемаили и случајот со денационализираното земјиште во центарот на Скопје. Поврзаноста помеѓу актерите во двата, навидум, изолирани случаи, го вади на површина вистинскиот проблем со организираниот криминал. Повеќе лица се во притвор и се очекува судска разрешница на овој случај. На трето место, со 6 гласа, во рубриката „бистро“ се пласираше „Законот за пристап до информации“, кој по неколкугодишно одложување, конечно беше изгласан во Собранието на почетокот на 2006. Со неговата активна примена од септември годинава, Македонија, меѓу последните земји од регионов, се вброи во земјите кои го имаат институционализирано овој неопходен инструмент кој наложува транспарентност во владеењето и овозможува поефикасна борба против корупцијата. Во рубриката „бистри“, високо се пласираа и случаите на првата судска пресуда на оданочување со 70 отсто на непријавениот имот на Стојмир Петров, работата на Државната комисија за борба против корупцијата и Врховниот суд за неговото мислење за случајот „Бачило“. Анкетата „Бистро-Матно“ се спроведува секој месец веќе три години, а на крајот на годината се прави годишна анкета со понудени настани од месечните анкети. Ова беше трета годишна анкета во организација на „Макфакс“ и од неодамна, „Нулта корупција“, во која учествуваа главните уредници на 19 национални електронски и печатени медиуми во Македонија. Во оваа годишна анкета учествуваа: телевизиите МТВ, А1, Алсат –М, Канал 5, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Факти, Лајме и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на „Лоби“. |