18.06.2007 Нема веќе одлагање на спроведувањето на решенијата за наплата на 70 отсто персонален данок на доход за непријавени средства, тврди министерот за правда Михајло Маневски. Според него, во измените во Законот за спречување на корупцијата, е вметнато дека наплатата по овој основ, ќе се спроведува согласно Законот за даноци. Досега ваквите решенија донесени од страна на Управата за јавни приходи стоеја во фиока, бидејќи никој не се сметаше за надлежен за наплата на данокот. Еден таков случај е и решението на сега веќе разрешената судијка Снежана Попчевска, на која УЈП уште во декември минатата година и пресмета дека на основ на непријавени средства треба да плати 1 милион и 700 илјади денари.
Измените во Законот за спречување на корупцијата, според Маневски, се со цел да се надминат ваквите недоразбирања и да се заострат казните за прекршителите на законите кои на тој начин нелегално се збогатуваат. Така, во новите измени кои поминаа пред влада, стои дека во постапките за испитување на имот лицата чиј имот се проверува мора да достават докази и извори со кои е стекнат имотот. Во анкетните листови кои се доставуваат до УЈП и Антикорупциската комисија, лицата мора да ја внесуваат секоја измена во рок од 30 дена. УЈП доколку утврди неправилност кај некого има право да оданочи со 70 отсто и при тоа да поведе кривична постапка, за затајување данок. Казните затвор за затајувачите се 3 месеци до 1 година, односно 1 до 3 години доколку тие се службени лица. |
Но, сепак државата се уште нема најдено механизам за конфискација на имот. Иако постојат неколку такви решенија, како што е случајот со докторот Стојмир Петров и еден поранешен министер за здравство, конфискацијата не се спроведува зашто не се знае кој е надлежен. Министерот Маневски тврди дека во Министерството за правда се подготвуваат можни решенија за надминување на овој проблем.
Во измените пак во Законот за вонпарнична постапка, според Маневски, е предвидено неспорните предмети да ги водат нотарите. Така на пример, по поднесувањето на предмет за оставинска постапка, претседателот на судот е должен во рок од 8 дена да го достави предметот до нотар во тој реон, кој не смее да го одбие водењето на предметот. Со ова, тврди Маневски, ќе се растерети судството, а оставинските, бракоразводните постапки, прогласувањето на исчезнати лица за мртви и слични предмети ќе завршуваат многу побрзо отколку досега.
Извор: Вечер |